Новиот еврокомесар за проширување Вархеи во Македонија


Во пресрет на Самитот во Загреб на кој Македонија очекува добивање на датум за почеток на преговорите, се засилуваат активностите на европските дипломати.

Денеска во Македонија престојува новиот еврокомесар за преговори за проширување Оливер Вархеи кој во моментов е на разговори со премиерот на техничката влада Оливер Спасовски.

Претходно високиот гостин се сретна со претседателот Стево Пендаровски кој му посака успех во работата и изрази очекување дека тој ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската унија.

Еврокомесарот за проширување  Вархеи неодамна порача одлуката за преговори со Македонија да се донесе во март.

-Нашата заложба за европската перспектива на земјите од Западен Балкан е непроменета, а тоа е отворање на преговорите за членство за Северна Македонија и за Албанија пред самитот во Загреб, порача неодамна новиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.

Утре Вархеи ќе отпатува за Тирана, Албанија.

Фото: Б. Грданоски