Новиот евроамбасадор Гир: Земјава се движи во правилна насока, да се зголеми темпото во реформите за владеење на правото


Се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи што е можно поскоро. Сега е потребно земјите-членки да ја договорат финалната верзија на преговарачката рамка, којашто практично ја отвора вратата да се започне со преговарање, вели новиот евроамбасадор во Северна Македонија Дејвид Гир, во ексклузивното интервју за МИА, коешто е негово прво по преземањето на функцијата.

На прашањето дали меморандумот на Бугарија, со кој се условува преговарачкиот процес на земјава, евентуално би го одложило одржувањето на првата меѓувладина конференција, Гир за МИА вели дека во моментот земјите-членки дебатираат за преговарачката рамка, тоа е внатрешен процес на Унијата и оти не може да ги коментира внатрешните дискусии на земјите-членки.

Гир ги оцени Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија како позитивни примери не само во регионот, туку и пошироко. – Многу е важно да се продолжи со имплементација овие билатерални договори во добра атмосфера, вели новиот евроамбасадор во Северна Македонија Дејвид Гир, во интервјуто за МИА.

Евроамбасадорот Гир доаѓа од Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) на Европската Унија, каде беше на чело на Секторот за политика за санкции. Тој 25 години работи во ЕУ на позиции поврзани со надворешната политика, особено со земји од Источна Европа.

Со евроамбасадорот разговаравме и за напорите на Владата во реформите што треба да ги имплементира во борбата против корупцијата, владеењето на правото, за новиот голем пакет финансиска помош на ЕУ за регионот за справување со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19. Во продолжение следува целото интервју со евроамбасадорот Дејвид Гир.

Амбасадоре Гир, Вие неодамна ја презедовте функцијата нов амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија. Од која функција доаѓате од Брисел, колкаво е вашето искуство во евроинтегративните процеси?

Пред да дојдам на сегашнава позиција бев на чело на тимот за санкции кој работеше на санкциите на Европската Унија. Но, работам за Европската Унија, поточно во орбитата на ЕУ, во последниве 25 години и тоа секогаш на позиции поврзани со надворешните работи, особено со земјите во Источна Европа, како Украина, Молдавија, Кавказот, Русија, како и во медитеранските земји. Извршував функција и во Грузија, каде бев задолжен и за Грузија и за Ерменија. Бев и заменик на шефот на делегацијата на Западниот Брег во Газа. На сите овие позиции, еден од клучните елементи заедно со развивањето односи со партнерските земји е да се воведат сите различни алатки на ЕУ, без разлика дали се работи за нашата помош за трговија, внатрешни работи, енергетика, поддршка за владеење на правото, демократизација и набљудување на изборните процеси и цел спектар на работи во кои сум бил ангажиран. И сите овие аспекти биле важни за сегашниот контекст како се движиме кон отворање на преговорите.

Доаѓате во клучен период за македонските евроинтеграции, кога треба да се усвои преговарачката рамка, по што треба да се одржи првата Меѓувладина конференција, со што и официјално ќе почнат преговорите за членство. Можете ли да ни кажете што отворањето на преговорите ќе значи за обичниот граѓанин?

Почетокот на преговорите се смета за клучен момент за земјата на патот кон членство во ЕУ. Тој исто така означува интензивирање на практичната работа на Северна Македонија да се усогласи со законите и стандардите на ЕУ. Тоа покрива поголем дел, како на пример поддршка за владеење на правото и демократијата, заштита на човековите права, создавање на инвестициска клима, како и заштита на животната средина и создавање на робустна здрава пазарна економија. Акцентот истоверемено е и на законодавството и на спроведувањето на законите.

Всушност, процесот на преговори е обид да се донесе ЕУ во Северна Македонија. Процесот ќе потрае, но секој чекор напред во процесот на преговори, поконкретно во спроведувањето на реформите, треба да донесе опиплива, позитивна промена во животот на обичните граѓани. На пример напредок во областа на заштитата на животната средина би значело дека граѓаните би дишеле почист воздух и почиста средина. Напредок во владеење на правото и во борбата против корупцијата би требало да ја зголеми довербата на граѓаните но и довербата на странските инвеститори во Северна Македонија. Тоа би придонело кон зголемен број на инвестиции и повеќе работни места. Како ќе се интензивира процесот, така земјата ќе почнува практично да функционира како членка на ЕУ, а на нејзините граѓани ќе им овозможи да ги уживаат истите права како и тие во ЕУ. Со вакви можности, младите се очекува во голем број да се гледаат себеси во иднина во Северна Македонија отколку некаде во странство.

Една членка на ЕУ, Бугарија, пред десетина дена до останатите земји-членки на ЕУ достави меморандум со кој поставува услови за Северна Македонија од кои зависи преговарачкиот процес на земјава. Дали тоа би го одложило одржувањето на првата меѓувладина конференција и што би значело евентуалното одложување за Северна Македонија и за регионот?

Пред се да ве потсетам дека за да Северна Македонија биде во оваа фаза, сите членки требаше да донесат политичка одлука, што и се случи во март, во врска со почетокот на пристапните преговори. Потоа, Европската комисија ја претстави предлог-преговарачката рамка во јули. Во моментов, земјите-членки дебатираат на тема преговарачката рамка. Ова е внатрешен процес на Унијата во рамките на кој земјите-членки ги претставуваат нивните ставови во врска со документот и треба да ја договорат финалната верзија. Таа треба да биде усвоена на првата меѓувладина конференција. Се надевам дека имате разбирање дека не можам да дадам коментар за внатрешните дискусии на земјите-членки. Се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи што е можно поскоро.

Германскиот министер за Европа, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, осврнувајќи се на бугарскиот меморандум, кажа дека членките на ЕУ не треба да вметнуваат нови услови и критериуми. Дали сметате дека билатералните спорови треба да бидат дел од преговарачкиот процес?

-Условите за зачленување во ЕУ беа дефинирани во пакет на критериуми договорени во Копенхаген во 1993. За Западен Балкан, добрососедските односи и регионалната соработка се сметаат за исклучително важен елемент во процесот на проширување, а истовремено и за Процесот за стабилизација и асоцијација.

Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија се сметаат за позитивни примери не само во регионот, туку и пошироко. Многу е важно да се продолжи со имплементација овие билатерални договори во добра атмосфера.

Дали освен Бугарија, можеби и други земји-членки имаат резерви за официјален старт на преговорите?

-Како што веќе кажав, дискусиите во Брисел се строго доверливи и не можам да ги коментирам ставовите на одделни земји-членки. Веќе напоменав дека политичката одлука со која се одобри почеток на преговорите за членство со Северна Македонија ја донесоа земјите-членки во март. Сега е потребно земјите-членки да ја договорат финалната верзија на преговарачката рамка, која практично ја отвора вратата да се започне со преговарање.

На 6 октомври се очекува и Извештајот на ЕК за напредокот на реформите на земјата. При Вашите први средби со македонскиот државен врв, порачавте дека владеењето на правото ќе биде почетна точка и последен чекор и последно поглавје во преговорите. Како ги оценувате досегашните заложби на Владата на овој план?

-Земјата направи значаен напредок во областа на владеењето на правото. Да не беше така, Советот на ЕУ немаше да одобри отворање преговори во март. Меѓутоа, уште поголеми напори се неопходни на овој план. И тоа што се става акцент на ова прашање во сите аспекти на реформите и во секојдневниот живот, значи дека ова прашање ќе остане да опстојува во текот на целиот процес на преговори, било да зборуваме за јакнење на независноста на правосудството, борба против организираниот криминал или гонење на фукционери за злоупотреба на положбата или корупција. Ние гледаме движење во правилна насока на сите овие фронтови, и на мојата прва средба со премиерот Заев и членови на Владата, јас порачав дека земјата треба да го зголеми темпото во реформите во областа на владеење на правото, и така да продолжи до самиот крај на преговорите.

Ковид кризата најмногу се одрази на економијата, како внатре во ЕУ така и во земјите од Западен Балкан. ЕУ досега оддели финансиска помош за земјите од регионот, а сега треба да биде презентиран и големиот пакет од 3,3 милијарди. Кажете ни подетално што ќе содржи пакетот и дали тоа е доволно овие земји да се справат со последиците од оваа криза на здравствен и на социо-економски план, поконкретно С.Македонија?

-ЕУ одговори на кризата во Западен Балкан на начин што е уникатен, но и опфати многу и е доста значаен. Од почетокот на пандемијата, ЕУ брзо ги сподели алатките што го има за да се справи со пандемијата во нејзините членки, како набавка на неопходна медицинска опрема, и помогна на многу свои граѓани да се вратат дома откако беа заглавени некаде надвор, овозможи пристап до најнови информации за пандемијата преку комитетот на ЕУ за безбедност на здравјето и размена на информации со Европскиот центар за контрола на заразни болести. Горди сме и со финансискиот пакет за солидарност со кој се поддржаа напорите на медицинските власти во целиот регион, како и приватниот сектор и заштита на невработените. Во Северна Македонија, во пакетот е вклучена импресивна сума од 160 милиони евра наменети за макрофинансиска помош и 68 милиони евра за набавка на медицинска опрема, финасиска помош за мали и средни претпријатија и лица кои останале без работа заради Ковид кризата. Сите финансиски средства се доделуваат сега и целата сума ќе биде распределена до почетокот на следната година.

Во врска со Економската и инвестициска програма, средствата предвидени таму се независни од средствата кои се доделуваат сега. Програмата предвидува можности во сферата на транспорт, енергетиката, зелената економија и дигитализацијата. Деталите за програмата треба наскоро да бидат објавени.

Ковид-19 ги затвори границите на Северна Македонија со земјите-членки на ЕУ. Зошто Европската комисија кога одлучува за отворање на границите, се уште се базира на стапката на заразени од јуни, кога во меѓувреме и бројот на заразени лица внатре во ЕУ се зголеми? Кога можеме да очекуваме отворање на границите?

-Во вакви времиња без преседан, земјите-членки но и многу други земји во светот беа принудени да донесат мерки за да го запрат ширењето на вирусот, меѓу кои и одлуките да се воведат рестрикции за патување, особено тие што не се итни. Во земјите во Унијата се преразгледува одлуката од време на време, односно секои две недели. Одлуките се носат врз основа на трендовите на пандемијата и на одговорот на земјите.

Амбасадоре Гир, Вие дојдовте овој месец во Скопје. Кои се Вашите први впечатоци за Северна Македонија?

-Моите први впечатоци се многу позитивни. Луѓето што ги запознав досега се гостопримливи, и се надеваат дека процесот на пристапување во ЕУ ќе донесе позитивни придобивки за сите. Така што сите треба да сториме се за да ги оправдаме очекувањата на граѓаните.