Новиот ДУП во Ѓорче, може при природна непогода, да го отсече половина Скопје


Фото: Б. Грданоски

Откако советниците на Општина Ѓорче Петров, на вонредна седница донесоа ДУП за централното подрачје на општината, каде се предвидени повеќе висококатници, што би донеле нови 10.000 жители, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска вели дека најмал проблем се зградите. Нејзе ја загрижува небезбедноста на планот. 

– Најмалиот проблем на тој ДУП се зградите. Прво треба да разбереме дека треба да се почитуваат постапките и процедурите. Доколку за сите останати важат закони и прописи, тоа мора да важи и за овие од Ѓорче Петров. Проблемот е што некој таму постојано ги крши законите и прописите. Град Скопје не дал позитивно мислење, ниту согласност за тој ДУП затоа што е небезбеден по повеќе параметри, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во изјава за емисијата „Студио 10“.

Според неа, при катастрофа и криза од природна непогода, се соочуваме со опасност половина Скопје да биде отсечено, бидејќи како што вели, не е корегиран ДУП-от согласно стандардите. Како што вели Арсовска, таму има големи индустриски објекти.

-Прекршени за законите по 100 основи и затоа имаме намера да се бориме и да се избориме до крај, кажа градоначалничката.

Од Општина Ѓорче Петров информираа дека на вонредна седница на Советот без ниту еден глас „против“ е донесен ДУП за градска четврт СЗ 16 во централното подрачје на Општината. Планот се однесува на реонот од кружниот тек помеѓу Ѓорче Петров и Влае па сè до наплатниот пункт на ЕВН непосредно пред мостот кон населбата Даме Груев, односно го опфаќа целиот простор спроти пазарот.

Дел од советниците на СДСМ и Левица во општината обвинуваат дека со планот е предвидена изградба на една 20-катница, четири 17-катници, две 14-катници, шест 12-катници, седум 9-катници, седум 7-катници и уште десетина помали згради во кои е предвидно да живеат нови десет и пол илјади жители. Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски порача дека е предвидена изградба на две хемиски фабрики чии отпадни води ќе одат во канализацијата во Карпош.