Новиот директор на АХВ, Бабовски на средба со претставници од Ветеринарната комора


Новиот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, денеска оствари прва официјална средба со претседателот и претставници на Ветеринарната комора на Македонија.

Потврдена беше заложбата за развивање и унапредување на долгогодишниот партнерски однос кој го имаат воспоставено Агенцијата и Комората, како основа за обезбедување безбедна храна и развој на сточарството во земјава.

Како што соопшти АХВ, разгледани беа активностите и динамиката со која ветеринарните друштва ќе треба да ги реализираат обврските согласно Годишната програма за здравствена заштита на животните во 2021 година.

На состанокот се дискутираше и за состојбата во сточарството, особено во делот на здравствената заштита и благосостојбата на животните, за што, заедничка беше констатацијата дека унапредување и на овој сегмент од ветеринарната дејност, е единствено можно со соработка на државните институции и бизнис заедницата од областа на ветеринарната медицина организирана во рамки на Ветеринарната комора. Соработката, беше заклучено, претставува можност и за обезбедување навремени и квалитетни услуги од страна на ветеринарните друштва.