Новиот данок за моторни возила нов удар врз џебот на граѓаните


Фото: Б. Грданоски

Купувањето и на стари половни автомобили станува луксуз за граѓаните- цената на данокот за увоз на автомобили во земјава е предвидено двојно да се зголеми, јавува Сител.

Ако досега за возило до 10.000 евра не се плаќаше данок, сега тој ќе изнесува 1%. Двојно ќе се зголеми давачката и за оние возила кои повеќе загадуваат.

Ова стои во Уредбата изработена од министерството за финансии и царина, за која ќе се консултираат во понеделник со увозниците, а во вторник веќе е предвидено да се најде на владина седница.

Но како ова ќе влијае на бизнисот и потрошувачите?

Увозниците на моторни возила велат, ова ќе се одрази и на нивниот џеб, но и на граѓаните. И онака после неколкуте светски кризи побарувачката за автомобили е намалена, сега повторно нови посакапувања на автомобилите. Велат, Македонија има највисоки цени за продажба на возила во цела Европа.

Од министерството за финансии им испратиле допис до увозниците дека по сеопфатни дискусии направени за измени во Уредбата за начинот на пресметка на данок на моторни возила, според WLTP методата, во рамки на проектот со Светската банка за унапредување на оданочувањето на моторни возила, изработиле нови табели со нови цени, и ги викнаа увозниците во понеделник на финални консултации.

Од царина пак велат, измените се уште се изработуваат, но се во согласност со регулативата на ЕУ.

Предлог текстот за измени се уште е во работна верзија.Закажан е работен состанок во понеделник во министерството за финансии, за финализирање на измените на кои се поканети претставници од увозниците преку стопанските комори. Измените на Уредбата се со цел заштита на животната средина и се во согласност со зелената агенда и регулативата на Европската унија. – велат од Царинаската управа за Сител.

Инаку, WLTP е метода која постои од 2017 година, а ја мери потрошувачката на гориво и какви издувни гасови испушта автомобилот во средината, за која во светот постојат строги ограничувања.