Новиот црногорски премиер Милојко Спаиќ допатува во Скопје


 

Милојко Спаиќ, кој од неодамна е премиер на Црна Гора, вечерва допатува во Скопје и се сретна со шефот на македонската влада, Димитар Ковачевски. Спаиќ е во Скопје заради учество на неформалниот состанок на лидери од НАТО од регионот.
 
Ковачевски на Спаиќ му го честита изборот, посакувајќи му успех и споделувајќи надеж за  одлична соработка во корист на двете држави и народи. Тој изрази задоволство што првата посета на премиерот Спајиќ по стапувањето на функцијата е токму на Македонија, што зборува за блискоста на нашите земји, соопшти прес-центарот на Владата.

Двајцата премиери разменија мислења за севкупните билатерални односи и оценија дека тие се традиционално партнерски и пријателски и без отворени прашања. Тоа дава основа за зголемен фокус во претстојниот период на развивање на економската соработка и инфраструктурното поврзување.

На средбата присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.