Новинарските здруженија застанаа во одбрана на дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска


Фото: Б. Грданоски

Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот на етика во медиумите во Македонија најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер кон новинарката Тања Милевска, дописник на МИА од Брисел.

Од иституцииите бараат итна реакција и будно следење на ваквите појави, а од партиите јавна осуда на нападите и поддршка на новинарските заложби за слободата на говор и заштита на медиумските работници.

„Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат. Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака од рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество“, пишува во реакцијата од трите здруженија.

Фактот што земјава е во изборна кампања, според трите здруженија, дополнително потенцира дека апелот треба да биде упатен до политичките партии како директни генератори на овој, како што се вели, опасен тренд.