Новинарските здруженија го осудија враќањето на државното рекламирање


Фото: Б. Грданоски

 

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор категорично се спротивставуваат на обидот за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите. Во соопштението за јавноста тие велат дека нивната позиција доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, за независноста на медиумите и за слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Здруженијата сметаат дека со тоа дополнително ќе се засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење. Тие се против усвојувањето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието по скратена постапка и употребата на европското знаменце. „Предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската унија“, велат од здруженијата.

Според нив, „одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка  е вон-стандардна постапка која има цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи.

Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, а одредбите што во него се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението доставено до Собранието. Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ.

Предупредуваме дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во  Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување.

Со предложениот систем на распределба на јавните пари се воведува системска корупција во приватниот медиумски сектор, а наместо квалитетни вести и нова продукција на домашни содржини, граѓаните (за сопствените пари) ќе добиваат реклами на државните институции.  
За враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава“, се вели во соопштението.

Зад него стојат Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Советот за етика во медиумите на Македонија,

Македонскиот институт за медиуми,  Институтот за истражување на општествениот развој, Институтот за комуникациски студии и Центарот за развој на медиумите.