Новинарот и хроничар Петар Ставрев ја доби наградата на Битола „4 Ноември“ за животно дело
Новинарот и хроничар Петар Ставрев е добитник на нагрдата „4 Ноември“ за животно дело, што ја доделува градот Битола по повод роденденот на градот. Ова е првпат градот да му даде награда за животно дело на новинар.
Ставрев има полни 81 година, кариерата ја започна како новинар во Радио Битола, продолжи со работа како дописник на весникот „Вечер“, а во меѓувреме беше соработник со „Битолски весник“, „Нова Македонија“, стартуваше како главен уредник во ТВ Тера од почетците во 1993 година. Во меѓувреме беше активен и во ТВ Орбис. Ставрев е автор и на документраните емисии „Патуваме откриваме“, како и музичката емисија „Двапати исто, но сепак различно“ на ТВ Тера. Со новинарски ангажман моментано е во весникот „Пензионер“, а подолго време го подготвуваше и весникот „Занаетчија“ во Битола.
Ставрев остава значен белег во градот како хроничар, фоторепортер на Битола. Своевремено беше и прв човек на Фотосојузот на Македонија. Располага со илјадници фотографии од Битола, од настани и личности поврзани со градот. Тој е долгогодишен љубител на планината и зад себе има многу подвизи, меѓу кои и искачувањето на Мон Блан во 1998 година.
Тој се уште е активен планинар, а на тема Пелистер и убавните на планината направил повеќе изложби. Меѓу првите ја воспостави навиката на 2 јануари планинарите и вљубеници во планината да се искачат на врвот Пелистер на Антена и на вработените да им посакаат успешна година со шампањско. (А.Б.)