Новинарките го избраа Peugeot 308 за автомобил на годината

Францускиот компактен хечбек триумфираше со гласовите на 56 новинарки од 40 земји на пет континенти


Победникот на изборот на WWCOTY беше симболично прогласен на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, а на престолот го наследи минатогодишниот победник – Land Rover Defender.

Новинарките тестираа вкупно 65 нови модели во изборот, а во февруари беа прогласени победниците во следните категории: Peugeot 308 (најдобар урбан автомобил), Kia Sportage (најдобар семеен SUV), BMW iX (најдобар голем SUV), Ford Mustang Mach-E (Најдобар семеен автомобил), Audi e-Tron GT (автомобил со најдобри перформанси) и Jeep Wrangler 4xe (најдобар SUV).

Новиот Peugeot 308 дебитираше точно пред една година, во март 2021 година, а караван верзијата беше претставена во јуни.

Под каросеријата на третата генерација 308 се наоѓа механичката платформа EMP2, која го зголеми меѓуоскиното растојание за 55 mm во однос на претходникот, додека вкупната должина е зголемена за 110 mm. Во исто време, возилото сега е пониско за 20 mm, што му дава на автомобилот поелегантни пропорции.

Патничката кабина е поудобна од порано, особено за оние кои седат позади, но „данокот“ го плати багажникот кој од 420 е намален на 412 литри.

Кога станува збор за моторизацијата, се издвојуваат две plug-in хибридни опции, и двете споени со 8-степен автоматик, батерија од 12,4 kWh и електричен мотор од 81 kW.

Основната хибридна варијанта има и бензински мотор од 150 КС (110 kW) и посилен бензински мотор од 180 КС (132 kW). Вкупната комбинирана моќност на послабата верзија е 180 КС, а на посилната 225 КС.

Од Peugeot наведуваат дека двата модели со полна батерија можат да поминат до 60 км исклучиво на електрична енергија (мерено според стандардот WLTP).

Покрај хибридот, тука е и 3-цилиндричниот 1,2-литарски турбо-бензинец, во опции со 110 и 130 коњски сили. Менувачот може да биде 6-брзински мануелен или опционален 8-брзински автоматски (само 130 КС).

Peugeot не се откажува ниту од дизелот, па на купувачите ќе им биде достапен 4-цилиндричен 1,5-литарски мотор со 130 „коњи“. Понудата на менувачи е иста како кај бензинците.