Новинари, политичари и други прислушувани сведочат во „Таргет-Тврдина“


Новинари, политичари и други кои биле прислушувани во периодот од 2008 до 2014 година сведочат на денешното рочиште на случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина“.

На денешното рочиште се повикани 20 сведоци, меѓу кои Горан Сугаревски, Фросина Ременски, Саша Богдановиќ, Сашо Ордановски, Борјан Јовановски, Горан Михајловски, Оливера Трајковска, Душица Мрѓа, Саше Димевски, Младен Чадиковски, Катерина Цановска Арсовска , Јадранка Костова, Сашка Цветковска.Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Горан Сугарески, поранешен министер за транспорт и врски, сега вработен како комунален инспектор во Општина Прилеп, оштетен во случајот “Таргет-Тврдина” на денешното рочиште изјави дека од 2008 до 2014 бил пратеник во републичкото Собрание.Тој истакна дека од СЈО во 2017 година бил повикан и му било соопштено дека службениот број му бил прислушкуван.

– Од 2008 до 2015 година сериозно ми бил прислушкуван телефонскиот број. Се чувствувам оштетен. Сега оштета не побарувам – рече Сугарески.

Новинарот Саше Димовски рече дека мобилниот број кој го користел 20 години, станал свесен дека неговиот број е прислушкуван откако добил докази за прислушкувани обвинители.Тој рече дека се чувствува оштетен и дека сето тоа му влијаело на здравствената состојба.

– Покрај моите разговори, во доказите кои ни ги дадоа од партијата имаше и туѓи разговори. Моите разговори буквално се најдоа како на пазарче. Ми се покачи шеќерот, доживеав срцеви проблеми, а ми ампутираа и нога, па затоа побарувам 12,3 милиони денари или 200.000 евра штета. Барам од судот да се произнесе за штетата која јас ја побарувам – истакна Димовски.

Инаку адвокатот Љупчо Шврговски денеска до Кривичниот суд доставил барање обвинетата во случајот “Таргет-Тврдина” екс министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да биде вметната во групата оштетени лица.

Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи и други лица од некогашната УБК. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.