Новичок: Советскиот отров за елиминација на неистомисленици

Рускиот опозиционер Алексеј Навални без сомнение е отруен со нервниот отров Новичок, потврди германската влада. Ова оружје првично го развиле Советите за да ја заобиколат Конвенцијата за хемиско вооружување

Новичок предизвикува верижна протеинска реакција која многу брзо може да доведе до смрт. Токму како што може да се види во случајот Навални, отровот го блокира производството на ензимот на холинестераза.
Во метаболизмот, холинестеразата е важна за разградување на невротрансмитерите на ацетилхолинот. Тој трансмитер има важна улога при будењето или одржувањето внимание. Доколку ацителхолинот повеќе не се разградува, тоа води кон бомбардирање на нервниот систем со иритации.
Патиштата на сигналите се целосно преоптоварени и почнуваат да дивеат. Информациите од нервниот систем потоа удираат по ткивата, мускулите и органите. Доаѓа до засилен тек на плунката и проблеми со дишење, затоа што пациентот повеќе не може да ја контролира својата дишна мускулатура. Парализите и грчевите можат да доведат до смрт доколку труењето потрае подолго.

Што можат да сторат лекарите?

Лекарите најпрво мора да спречат пациентот да не се задуши поради грчевите во мускулите и дишната мускулатура. Затоа Навални веднаш беше ставен на вештачка вентилација. Како противотров лекарите даваат атропин, алкалоид кој се наоѓа и во беладона. Атропинот ги презема мускаринските ацетилхолински рецептори на келиите и го слабее дејството бомбардирајќи со ацетилхолин. Третманот мора да продолжи се додека холинестеразата не почне одново да делува. Затоа лекарите во тој случај даваат и активна состојка на пралидоксим, за повторно да го поттикнат производството на холинестераза.

Потекло на нервниот отров

Иако името „Новичок“ сугерира дека се работи за нешто ново, тоа сепак не е случај. Советските хемичари го развиле во текот на 1970-те и 80-те години. Всушност се работи за цела низа нервни отрови кои се обединети под името Новичок. Сите имаат органофосфорно јадро, слично како и многу инсектициди, односно средства за убивање на инсекти.
Новичок-5 и Новичок-7 важат за отрови кои се седум пати поотровни од воениот отров VX – еден од најопасните отровни гасови во светот. Во широко распростреното семејство Новичок постојат повеќе од сто варијанти.

Berlin Nawalny in Charite | Spezialtrage (Getty Images/M. Hitij)За префрлањето на Алексеј Навални во Берлин беше користена специјална опрема

За помалку опасните варијанти пишувано е во стручните списанија уште за време на Советскиот Сојуз- како на пример за органофосфатни инсектициди. Тоа очигледно било обид да се прикријат воените истражувања со цивилен истражувачки програм.

Трикот на СССР

Но измамата тука не завршува: дури и состојките на самото хемиско оружје пред меѓународната заедница се претставувани како нормални хемикалии.
„Советскиот Сојуз произведуваше соединенија на Новичок за да се заобиколи Конвенцијата за хемиско вооружување“, вели за ДВ Мишел Карлин, токсиколог од универзитетот Нортамбрија во Њукасл, Велика Британија.
Трикот кој го користат хемичарите е следниот: тие произведуваат две компоненти во вид на ултрафин прашок. Тие компоненти воопшто или многу малку се отровни и во тоа време никаде не биле забранети.
„Се додека хемичарите поединечно произведувале неотровни компоненти, тоа не било илегално. Станало илегално дури при нивното мешање“, вели Карлин.
Но оттогаш состојбата се смени. Според актуелната Конвенција за хемиско оружје, забранети се и тие поединечни компоненти.
Не е едноставно да се утврди какви соединенија на Новичок се користени при труењето со нервен отров. Се уште не се знае какво соединение е користено и при труењето на двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во 2018 година. Но дејството на отровот им е добро познато на лекарите. (Дојче веле)