Нови згради во Расадник, жителите не даваат – ќе бранат со жив штит


Просторот од спортската сала „Расадник“ до сервисот за автомобили „Мечкаров“ и бензинската пумпа во скопската населба Кисела Вода нема уште долго да биде празен. Општинските власти планираат да го узурпираат и тоа последно слободно парче во и онака натрупаниот реон за да се изградат нови згради.

Ваквите неофицијални информации што кружат низ населбата ги запалија страстите меѓу жителите на населбата кои најавуваат оти со жив штит ќе го бранат единствениот простор во тој реон што не е сардисан од бетонски зданија што изминатите години ја нагрдија Кисела Вода.

„Населбата е преполна со згради, никнуваат на секој агол, на тротоари, нема места за паркирање, нема воздух каде да циркулира, насекаде градежна механизација, кал, прашина, ѓубре… Во расадникот изникна нова населба, изградена се десетина згради, тамам сопре работата – сега слушаме за ова. Свесни ли се дека ќе дојде до ново уништување на зеленилото, дополнително загадување и уште поголем сообраќаен хаос?“, коментираат жителите на Кисела Вода.

Тие забележуваат дека постапката за промена на ДУП била извршена нетранспарентно, без никаде да бидат известени граѓаните, односно без известување во влезовите или каква било информација и покана за учество во јавната дебата.

„Општина Кисела Вода минатата среда во 12 часот организирала јавна презентација на ДУП. Напикаа згради на секое делче од слободната земја, иако повеќе пати бевме таму и молевме, аргументиравме, поднесувавме официјални барања за зеленило, за основни услови за живот. Спроти основното училиште ‘Кирил Пејчиновиќ’, каде што првин почнаа да градат црква, потоа парк, сега е вцртана седумкатна зграда со 100 стана. На аголот кај ‘Мечкаров’ – исто така, како и на сите други слободни места. Затоа, како граѓани се организираме со собирање потписи, петиции, по згради и пунктови. Ќе организираме протести, со човечки штитови ќе го браниме правото на живот и на животна средина. Не сакаме да живееме како примитивци и нема да дозволиме властите да прават фавели од делови од градот“, реагираат жителите на Кисела Вода.

Тие велат дека се распрашале и побарале стручна помош, при што експертите им рекле оти во моментов, без да се изгради ниту една нова зграда, веќе е исполнета законската бројка на згради предвидена со ГУП.

„Ќе поднесеме индивидуални приговори, ќе ангажираме и медиуми, ќе се бориме за право на хумано живеење“, заклучуваат жителите на оваа скопска населба.

Но во Општина Кисела Вода ја смируваат топката и нагласуваат оти не станува збор за изградба на неколку згради, туку само за една, додека за останатиот дел од проектот се води јавна расправа.

Во писмениот одговор што го добивме од локалните власти, стои дека на местото каде што моментно се наоѓа сервисот „Мечкаров“ уште од 2016 година е планирана една станбена зграда со класа на намена А2, која согласно ГУП на Град Скопје 2012 – 2021 година е парцела со намена А – домување. Што се однесува до предлог-планот за целиот реон, тој било повторно на јавна анкета и е изложен во две месни заедници, односно на страната на општината согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

„Во овој дел, видно од планот кој е најтранспарентно изложен и за кој сè уште трае јавната анкета, планирано е: површини за градење со намена за основно училиште, средно училиште, нова детска градинка, поликлиника, пешачка променада со ширина од 20 метри и должина колку целиот опфат, голем парк, црква, плоштад и други јавни зелени површини. Во целиот опфат е планирано по сите новопланирани сообраќајници да има велосипедски патеки, пешачки патеки и дрвореди. Значајно за сообраќајното решение е да се напомене и дека под површината на целата пешачка улица е планирано јавно паркирање“, наведуваат од Општина Кисела Вода.

На овој простор летово беше поставен импровизиран детски парк, со рингишпил и колички, а останатиот дел е парк со камчиња. Далеку од средено катче, но е единственото без згради, кафулиња и продавници.

Горан Адамовски