Нови заплети со случајот во Навигација

Зошто нападнатиот во контролната кула на скопскиот аеродром сакал да ја напушти државата и бил уапсен на граничен премин. Се плашел ли за својата безбедност?


 

Апсењето на еден од нападнатите во инцидентот во М-НАВ отвора нови аспекти во случајот што ја скандализираше јавноста, па дури ја остави и во неверување. Како што соопшти МВР, П.Б. (39) бил уапсен во саботата вечерта на граничниот премин „Долно Блаце“ кога сакал да излезе од државата и да замине во Косово.

При проверката на неговите документи на пасошката контрола на мониторот на граничната контрола се појавил зборот „апси“ на барање на Одделението за потраги, за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“.

Непознато е, барем засега, зошто П.Б., кој бил оној кого го нападнале насилниците, сакал да ја напушти државата. Дали тоа сакал да го направи само привремено за време на празниците, дали се исплашил за својата безбедност , бидејќи претходно беше нападнат од функционерот на ДУИ, Беким Незири, и уште неколкумина други насилници или се работи за нешто сосема друго, не е јасно. Но овој настан фрла друга светлина врз целиот инцидент. Можеби ќе биде појасно кога тој ќе даде свој исказ за настаните што се случија во контролната кула на скопскиот аеродром. Неофицијално, полицијата го барала за тој да каже што точно се случило. Онака како што тој ги видел.

Јавноста, која беше накострешена поради тоа што четворицата приведени за насилството добија само мерки за претпазливост и одземање на патните документи, бараше за нив да се определи притвор. Особено поради тоа што на вакво испрашување во полицијата, а потоа и кај судија на претходна постапка, се носат важни функционери на ДУИ. А уште поважно, што Беким Незири, кој е претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир (што е исклучително важно место) во судот беше доведен со лисици на рацете. Такво нешто речиси и да не се случило 20 години наназад.

Од Кривичниот суд со подолго соопштение се обидоа да ја смират големата напрегнатост во јавност, па преку објавувањето во медиумите дека судиите Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ се тие кои ги определиле мерките, се бараше некоја скриена порака. Судот во реакцијата изјави дека се раководел од фактите, а не од реакциите на јавноста.

„Неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“, се вели во реакцијата од Кривичен.

Наведувајќи дека според членот 303 став 2 од Кривичниот законик се гонат луѓето кои може да ја загрозат безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, „со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“.

Според судот, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот за одредување притвор, „во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело“ и дека од страна на  ОЈО Скопје „не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата“.

Судот ја цитира и изјавата на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, за вонредниот инспекциски надзор на во која се вели дека е утврдено оти не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а дека немало ни пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Јавното обвинителство не се согласува со овие образложенија и во својата жалба до Кривичниот совет на Кривичниот суд детално ги образложи причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во случајот со М-НАВ била неоснована.

„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои сѐ уште се недостапни), како и да го повторат делото. Обележјата на кривичното дело… се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај“, рекоа од обвинителството.

Адвокатите на осомничените велат дека, според доказите што ги поседуваат, инцидентот не бил во просторијата каде што се наоѓа контролата на летање и каде се комуницира со авиосообраќајот кој се одвива на македонското небо, туку на педесетина метри од таа саба. И со лице кое воопшто не било на смена во тој момент, изјави адвокатот Еленко Миланов за телма. Тој и другиот адвокат, Асмир Алиспахиќ, ги оценуваат одлуките на судиите на претходна постапка како правилни.

Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица меѓу кои и Беким Незири за инцидентот што се случи на 4 јануари. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата на својата идна седница на 9 јануари ќе го разреши раководството на претријатието, а исто така се најавени и вонредни контроли за работењето.  На прво место на Финансиската полиција.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски денеска изјави дека доколку ваква „бандитска група“ упаднеше на аеродромот во Вашингтон, Париз или Берлин, сега веќе би биле “уапсени или ликвидирани“. (Н.В.)