Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Париз поради пензиската реформа на Макрон


Полицијата вечерва се судри со демонстрантите во Париз за време на новиот протест против планот на француската влада за зголемување на старосната граница за пензионирање.

Зголемените тензии кои резултираа со серија штрајкови од почетокот на оваа година, и купиштата ѓубре на париските улици, претставуваат најголем предизвик за претседателот Емануел Макрон од таканаречените протести на „жолтите елеци“ во декември 2018 година.

„Макрон, оди си!“

Ројтерс објави снимки од полицијата како употребува солзавец за да ја контролира толпата демонстранти кои се собраа на парискиот Плас де ла Конкорд во близина на зградата на парламентот. „Макрон, оди си! извикуваа дел од демонстрантите, свртени кон кордонот на полицајците за интервенција.

Вечерашните немири следеа по сличните во четвртокот поради одлуката на Макрон да ја зголеми спорната возраст за пензионирање без гласање во парламентот.

Пензиската реформа ја зголемува старосната граница за пензионирање во Франција за две години, на 64 години, што според владата е итно потребно за да се спречи колапсот на системот. Со ова не се согласуваат синдикатите и мнозинството гласачи.

Поднесено е барање за гласање недоверба
Французите сакаат официјалната возраст за пензионирање да остане на 62 години, што ја прави една од најниските меѓу земјите на ОЕЦД. Пратениците од опозицијата од левицата и од центарот попладнево поднесоа барање за изгласување недоверба на Собранието.

Но, иако Макрон изгуби апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот на гласањето минатата година, има мали шанси да успеат – освен ако не се формира сојуз на пратеници од сите политички страни, од екстремната левица до екстремната десница. .

Парламентарното гласање најверојатно ќе се одржи за време на викендот или во понеделник.