Нови руски напади врз Украина, во станбена зграда во Днепар петмина загинати и 27 ранети

Инфраструктурни објекти беа погодени и во западниот регион Лавов и североисточниот дел на Харков. Мета беше и главниот град Киев


 

Пет лица загинаа, а 27 се ранети откако руски проектил погоди станбена зграда во украинскиот град Днипро. Регионалниот гувернер Валентин Резниченко соопшти дека меѓу повредените има и шест деца, кои се пренесени во болница. Инфраструктурни објекти беа погодени и во западниот регион Лавов и североисточниот дел на Харков. Мета беше и главниот град Киев, јави АП.

Новата серија ракетни напади врз Украина дојде еден ден откако Русија објави дека има „целосна контрола“ врз Соледар, град во источна Украина. Киев негира дека градот целосно потпаднал под контрола на руските сили и тврди дека во Соледар се уште има украински сили кои даваат отпор.

Во тек е огромен ракетен напад врз Украина, изјавии попладнево градоначалникот на Харков. додавајќи дека „непријателот цели на инфраструктурни објекти“.

Ихор Тереков на својот канал Телеграм рече дека сите комунални и итни служби „ќе започнат со работа на обновување на снабдувањето со електрична енергија, греење и вода“ веднаш по завршувањето на нападот.

Во Харков во моментов работи само дел од јавниот превоз, рече Тереков и додаде дека градските власти обезбедиле алтернативни автобуски линии во случај на прекин на електричната енергија.

Олех Синехубов, шеф на воената администрација на регионот Харков, изјави дека два руски ракети ја погодиле критичната инфраструктура во тој регион. „Во моментов се во тек итни прекини на струја. Итните служби се на терен и работат“, рече Синехубов.

Русија денеска реагираше на одлуката на Британија да испрати тенкови Челинџер 2 и ги обвини британските власти за „ескалација на конфликтот“. Руската амбасада во Обединетото Кралство во соопштение наведе дека Британија со овој потег сака да го „реафирмира својот статус“ како водечка земја-членка на НАТО и ги обвини властите на земјата за „ескалација на конфликтот“.

„Не можете да изгаснете пожар со бензин. Испраќањето тенкови во зоната на конфликтот само ќе ги интензивира борбите и ќе предизвика повеќе жртви, вклучително и меѓу цивилното население“, објави руската амбасада, а пренесува Скај њуз.

Британскиот премиер Риши Сунак во саботата вети дека ќе обезбеди тенкови и артилериски системи за Украина, во услови на обновени ракетни напади од Москва насочени кон повеќе украински градови за прв пат по речиси две недели.

Сунак вети дека ќе обезбеди тенкови „Челинџер 2“ и други артилериски системи откако разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата, се вели во соопштението од канцеларијата на британскиот лидер во Даунинг стрит.

Не беше наведено кога тенковите ќе бидат испорачани или колку. Британските медиуми објавија дека четири главни борбени тенкови Челинџер 2 на британската армија веднаш ќе бидат испратени во Источна Европа, а набргу потоа ќе следат уште осум, без да наведат извори.

Зеленски во саботата на Твитер му се заблагодари на Сунак „за одлуките кои не само што ќе не зајакнат на бојното поле, туку и ќе го испратат вистинскиот сигнал до другите партнери“.

Украина со месеци се обидуваше да биде снабдена со потешки тенкови, вклучувајќи ги американските тенкови Абрамс и германските тенкови Леопард 2, но западните лидери „газат“ внимателно.

Претходно овој месец, Франција соопшти дека ќе испрати оклопни борбени возила AMX-10 RC во Украина, означени како „лесни тенкови“ на француски. САД и Германија објавија истата недела дека ќе испратат борбени возила Бредли и оклопни транспортери Мардер, соодветно, за прв пат.

Соопштението на Сунак дојде кога руските сили истрелаа проектили врз Киев и други делови на Украина во саботата во првиот голем бараж по неколку дена.

Системите за противвоздушна одбрана беа активирани и во други региони на Украина, а додека во попладневните часови се огласија уште една рунда сирени за воздушен напад низ целата земја, регионалните власти ги повикаа локалните жители да побараат засолниште.