Нови рочишта за „ТНТ“, „Талир 2“ и „Ласкарци“


Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за случаите „ТНТ“, „Талир 2“ и „Ласкарци“.

Предметот „ТНТ“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.

Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

Случајот „Талир 2“ го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е Ленче Ристоска од ОЈО Скопје.

Во „Талир 2“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

Во судот денеска треба да се одржи ново рочиште и за случајот за автобуската несреќа кај Ласкарци, откако минатото рочиште се одложи поради здравствени проблеми на еден од обвинетите.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, шест лица се обвинети. Тие се обвинети за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.