Нови проценки на ЕБОР: БДП на Македонија годинава ќе порасне за 2,0 отсто


 

Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија годинава ќе порасне со стапка од 2,0 отсто, а следната година за 3,0 отсто, покажуваат новите прогнози на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Врз основа на новите, ревидирани податоци, дадени се прогнози за регионалната економска перспектива. Споредено со септемвриските вредности, растот на БДП во 2022 година е понизок за 0,2 отсто и треба да изнесува 2,5 отсто. Од друга страна, проценетиот раст за годинава е помал за 0,3 процентни поени во однос на претходната процена.

За регионот на Западен Балкан се проценува дека растот на БДП во 2022 година бил три отсто, а годинава ќе изнесува 2,2 отсто, а во 2024 година 3,4 отсто.

За разлика од проценките од извештајот објавен на крајот на септември, ЕБОР смета дека годинашниот раст ќе биде помал за 0,7 отсто.

Новите прогнози за раст за земјите во кои работи ЕБОР се генерално пониски од претходните, но затоа Ерменија и Црна Гора добија значително зголемен раст од 5,5 односно 2,6 отсто во однос на претходните показатели.

ЕБОР проценува дека производството во првите девет месеци од 2022 година се зголемило за 3,2 отсто на годишно ниво и за околу 2,4 отсто за цела година поради војната во Украина и последиците од пандемијата на корона вирусот.

„Просечната инфлација во регионите на ЕБОР падна на 16,5 отсто во декември, откако достигна врв од 17,5 отсто во октомври. Се очекува производството во Централна Европа и балтичките земји да порасне за 0,6 отсто оваа година, додека економиите од регионот во 2022 година се покажаа како поотпорни од очекуваното“, проценува ЕБОР, додавајќи дека растот следната година ќе биде 2,7 проценти.