Нови правила за домашната ракија


Димковски: Пандемијата направи пореметување на извозот и увозот на земјоделските производи

Измените на Законот за акцизи, кои стапуваат во сила на 1 јануари следната година, ќе овозможат низа поволности за производителите на ракија. Ова го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Трајан Димковски на отворањето на 20. „Валандовска ракијада“.

– Максимално дозволената количина на годишно производство ќе биде 2.500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45 проценти. Во првата година (2020) од примена на законот, производителите на ракија се ослободени од плаќање на акциза, во втората година акцизата ќе биде 10 денари, третата година 20 денари и во 2023 година ќе биде 30 денари. Со новото законско решение се овозможува малите производители легално да ја произведуваат и пласираат својата ракија, да развијат свој бренд, што ќе придонесе за развој на руралниот и винскиот туризам, а за намалување на сивата економија – изјави министерот Димковски.

Откупот на грозје, посочи тој, е при крај и досега според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, се откупени близу 93 милиони килограми винско грозје. Во финална фаза на носење се и измените на Законот за вино, со кои се олеснуваат условите за производство во малите семејни винарници, ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.

– Преку мерките од Програмата за директни плаќања овозможуваме за 20 отсто повисоки субвенции за одржување на лозови насади за лозарите со развоен потенцијал. Со новата мерка за субвенционирано гориво за земјоделската механизација, лозарите ќе имаат порентабилно производство, бидејќи 30 отсто од трошоците за гориво ги покрива државата. На располагање на лозарите се и мерките од ИПАРД 2-програмата кои овозможуваат кофинансирање на трошоците за изградба или реконструкција на винарници, како и за набавка на опрема – рече Димкоски.