Нови правила на аеродромите во Скопје и во Охрид – од влезот во зградата до влегување во авион


По пауза од три месеци поради пандемијата со Ковид-19, од 1 јули двата македонски аеродроми, во Скопје и во Орид, повторно ќе бидат отворени за патнички летови, но со нови мерки со цел заштита од корона вирусот.

Патниците ќе треба да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред предвидениот термин за полетување на авионот.

Исто така, задолжително ќе треба да почитуваат три основни правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена.

Од влезот во терминалната зграда, се до качувањето во авионот предвидени се процедури со кои целосно ќе се избегнува физичкиот контакт меѓу вработените и патниците. Во терминалната зграда ќе можат да влезат само лицата кои ќе покажат валиден авионски билет (испечатен или на телефон), што значи дека во овој период нема да може да дојдат други лица, односно да бидат испратени од нивни пријатели или членови на нивните семејства.

Понатаму, при влегувањето во аеродромската зграда ќе ги дезинфицираат рацете и чевлите, по што со термална камера ќе им се мери телесната температура. Доколку немаат покачена температура, ќе може да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација.

Предвидено е сите овие процеси да се одвиваат без физички контакт со вработените, односно патниците ќе им го покажат билетот на агентите преку транспарентна преграда и лично треба да го регистрираат својот пасош на фиксираниот читач на шалтерите.

Концесионерот на двата аеродроми, „ТАВ Македонија“ подготви и видео-водич со кој на практичен начин се објаснува како ќе изгледа целата постапка, од влегувањето во терминалната зграда, па се до моментот кога патникот се упатува кон влезот во авионот. Видеото може да се види на следниот линк.