Нови паркови во општина Аеродром, градоначалничката Арсовска изврши увид


Град Скопје почна со втората фаза на уредување нови паркови во општина Аеродром, долж булеварот „АСНОМ“, со вкупна површина од 27.000 квадратни метри, со соодветно партерно уредување, тревна површина, садници, летниковци и нова хидрантска мрежа за наводнување.

Како што соопштија од Одделението за односи со јавност на Град Скопје, денеска градоначалничката Данела Арсовска извршила увид во уредувањето на новите парк и пешачки патеки покрај булеварот „АСНОМ“, кои, како што се наведува во соопштението, ќе го олеснат пристапот на граѓаните.

На терен, како што информираат од Град Скопје, работат екипи на „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“.

Во соопштението се наведува дека Градот ги реализира проектите од програмата избрана од граѓаните во континуитет, „која содржи клучни барања за подобрување на квалитетот на живот, животната средина, зголемување на градското зеленило и паркови површини“.