Нови откритија за тоа како се формираше корона вирусот


Научниците тврдат дека откриле повеќе индиции за тоа како новиот корона вирус можел да се шири од лилјаци преку панголини и кај луѓето, додека бројот на инфекции ширум светот достигна шест милиони.

Пишувајќи во списанието „Science Advances“, истражувачите рекоа дека испитувањето на најблискиот роднина на вирусот открило дека тој циркулира кај лилјаци, но дека му недостигал протеин потребен за да се поврзе со човечките клетки.

Американските научници велат дека оваа можност може да се стекне од вирус пронајден во панголини – лушпест цицач, кој е едно од најмногу нелегално тргувани животни на планетата.

Д-р Елена Џорџи, еден од водечките автори на студијата, од националната лабораторија Лос Аламос, рече дека луѓето веќе ја разгледале врската со панголин, но научниците сè уште биле поделени во врска со неговата улога во еволуцијата на Сарс-Ков-2, вирусот што го предизвикува Ковид-19.

„Во нашата студија покажавме дека навистина Сарс-Ков-2 има богата еволутивна историја што вклучува реконструирање на генетски материјал помеѓу лилјак и панголин корона вирус пред да се стекне со својата способност да скокне на луѓето“, рече таа.

Студијата сè уште не го потврдува панголинот како животно што го пренесувало вирусот кај луѓето, но додава тежина на претходните студии кои сугерираа дека можеби тој бил вклучен.

Сепак, професорот Едвард Холмс, еволутивен биолог на Универзитетот во Сиднеј во Австралија, рече дека е потребна поголема работа на оваа тема. „Постои јасен еволутивен јаз помеѓу Сарс-Ков-2 и неговите најблиски роднини откриени до денес во лилјак и панголини“, рече тој. „Единствениот начин да се пополни овој јаз е преку  земање повеќе примероци од диви животни“.