Нови осум случаи на морбили


Лекарите во текот на саботата и неделата регистрирале уште осум пациенти заболени од морбили. Од нив двајца се хоспитализирани, едниот пациент е дете на едногодишна возраст од Куманово вакцинирано со една доза на вакцина, а другиот пациент на 42 години од Општина Гази Баба, за кој нема податок за примени вакцини. Од Министерството за здравство подвлекуваат дека на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 32 пациенти со морбили, од нив 17 се деца, а 15 возрасни. Во потешка состојба е пациент со белодробна тромбоемболија, кој лежи на Одделот за интензивно лекување.

„Амбулантски прегледи се реализирани кај три деца сите од Студеничани на возраст од една, четири и шест години, сите невакцинирани со МРП и тројца возрасни пациенти на возраст од 30, 43 и 60 години, невакцинирани, од скопските општини Чаир, Ѓорче Петров и Центар“, велат од Министерството.

Според последните информации, во изминатата седмица се пријавени 71 случај на мали сипаници. Од вкупниот број на ново пријавени на заболени граѓани со морбили, 35 се од Скопје, при што 65,7 отсто од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со петокот, во државава се регистрирани 835 случаи на мали сипаници.

Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 19.205. Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга.

(В.М.Л.)