Нови неволји за можниот бугарски министер Гардев – татко му имал бизнис со Васил Бошков, кој е под санкции на САД
Уште официјално не ни претставен како можен иден шеф на бугарската дипломатија, Димитар Гардев се соочи со проблеми во неговото биографско портфолио. Таткото на пратеникот на Има таков народ, Гардев – Стојан Гардев бил партнер на бизнисменот Васил Бошков кој е под санкции на САД поради корупција според „законот Магнитски“, објави истражувачката веб-страница Bird.bg. Тие работеле заедно преку фирмата „Смарт веј“.
На истражувачката веб-страница е прикажан факсимил од потписот на Стојан Гардев за склучување партнерство со компанијата на Бошков – „Холдинг патишта“.
Интересно е што Димитар Гардев летото прв од собраниската говорница го отвори прашањето за канадско државјанство на поранешниот службен министер и актуелен кандидат за премиер Кирил Петков. Тоа предизвика политичка напрегнатост, во која се вклучи и Уставниот суд. Гардев е меѓународен секретар на Има таков народ, која треба да биде дел од коалициската влада на чело со Кирил Петков
Ден претходно стана јасно дека Гардев ја нашминкал својата биографија и споделил лажни информации за позициите што ги извршувал како вработен во Европскиот парламент. Во своето официјално CV, Гардев тврди дека бил „советник на комисиите АФЕТ и СЕДЕ“. Оваа информација е објавена на страницата на Има такви луѓе.
Работата на Гардев во Европскиот парламент е како помошник на бугарска европратеничка Елена Дончева во нејзината канцеларија во Софија, а тој никогаш не работел во просториите на ЕП, објави „Еурактив“.
„Еурактив“ контактираше со релевантните служби на Европскиот парламент, кои рекоа дека „администрацијата на Европскиот парламент нема податоци за Димитар Гардев како член на персоналот во нејзиниот секретаријат“.
Јончева потврди дека Гардев и бил помошник во канцеларијата во Софија во периодот од 2019 до 2020 година, но рече дека неговото тврдење дека бил советник на двата комитета не е точно.