Нови лекови ќе се најдат многу брзо на позитивната листа
Двоцифрен број нови лекови на позитивна листа ќе има многу брзо, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на прашања, по брифингот со новинари.
Министерот рече дека многу труд бил вложен за трајно вработување на здравствени работници, кои по неколку години се работно ангажирани во здравството. Тој додаде дека ова останува под знак прашалник уште неколку дена, до петок, кога ќе го има конечниот одговор. Бројките биле усогласени со Министерството за финансии и Фондот за здравство, но, потребен бил уште еден состанок за дефинитивна одлука.
Во врска со загадениот воздух, тој рече дека како и секаде во светот, Министерството за здравство повикува на превентивни мерки а од наредната година, повтори оти многу динамично ќе се пристапи и со ригорозни мерки, заедно со други министерства и институции.
Министерот одговори дека идентификувано е лицето, што, според фотографии на социјалните мрежи, пуши во здравствена институција на работното место.
„Најстрого ќе биде санкционирано спрема законот. Суспендирано е од местото на работа, а ќе се формира и дисциплинска комисија: ќе бидат преземени сите мерки согласно законот за здравствена заштита“, подвлече Меџити, информирајќи дека по Нова година, ќе има засилени контроли, ќе се влезе во секоја институција, за да се укаже да се подобрат здравствените услуги.