Нови инвестиции во битолскиот Центар за култура


НУ Центар за култура-Битола со поддршка од Министерството за култура почна со замена на старата дотраена дограма, врати и друга инсталација.

Согласно проектната документација на објектот што се наоѓа во централното градско подрачје ќе бидат заменети вратите на главниот влез, двојните влезни врати кои водат кон големата сала на битолскиот Центар за култура и безбедносниот систем за заштита од пожар.

-Реконструкцијата ја планиравме подолго време, но токму сега се создадоа услови за интервенција на овој репрезентативен објект. Влезните врати беа оштетени, нефункционални и термоенергетски неефикасни. Интервенцијата се врши со прецизирани рокови и нема да биде попречена тековната програмска работа во Центарот за култура, односно проекцијата на кино претстави и организацијата на изложби, истакна директорката на националната установа, Маја Андоновска Илијевски.

Битолскиот Центар за култура деновиве одбележа 46 години од денот кога беа поставени темелите за изградба на тој Дом на културата во градот.