Нови четири „бомби“ за Ден Дончев


Три нови аудио и уште една видеоснимка се објавени утрово на Јутјуб, на корисник наречен „Раце лепливи“. На снимките се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, кој поднесе оставка на почетокот на кризата со коронавирусот.

Аудиоснимките може да се слушнат на следниот линк, на кој е објавена и видеоснимка, од која може да се забележи како Дончев зема пари во готовина и ги става во торба.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека разбрал за снимките пред денешната прес-конференција во партиското седиште. Тој рече дека за содржината на снимките треба да се праша лично Дончев.

„Јасно е дека во недостиг на конкретна понуда опозицијата продолжува да користи манипулации и лажни вести за дефокусирање на јавноста“,рече Заев.

Во однос на тоа што во снимените материјали се спомнува и адвокатот Филип Медарски, Заев рече дека знае дека тој бил вклучен во предмет со „Тотал ТВ“.

„Секако, ќе дадам одговор откога ќе разговарам и со Ден Дончев околу деталите. Вклученост на Медарски кој се спомнува, а кој е мој адвокат, многу често ангажиран и од СДСМ, имало во предмет со ‘Тотал ТВ’, каде што сопственици меѓу себе имале пријави до полиција и слично и полицијата постапувала. Секако, ќе си каже и Ден Дончев. Не би навлегувал во вакви лажни, манипулациски пуштања на снимки“,изјави Заев.