Нови 10 општини почнуваат со развој на социјални услуги на локално ниво


Министерството за труд и соцјална политика денеска потпиша договори за грантови за развој на социјални услуги со 10 нови општини – Чучер Сандево и Бутел, Јегуновце, Теарце и Желино, Крива Паланка, Кичево, Македонски Брод, Центар Жупа, Струга, Демир Хисар, Кавадарци и Струмица, од 24-те кои ги исполниле условите за добивање грант. Проектот предвидува развој на помош и нега за стари лица во домот, помош за лица со попреченост, отворање дневни центри за стари лица и за лица со попречености, како и поддржано живеење. Првите седум општини договори потпишаа пред нецел месец.

-Се работи за воспоставување социјални услуги на локално ниво таму каде живеат корисниците.  Ова говори дека Владата и Министерството заедно со општините, но и со невладиниот сектор се вклучуваат во имплементација на социјалната реформа со една единствена цел услугите да ги доближиме до корисниците во нивната природна животна средина, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска по потпишувањето на договорите.

МТСП, појасни таа, објави повик на кој 24 општини ги исполнија условите со поднесените апликации и со нив се воспоставува првична соработка.

-Со потпишувањето на овие договори општините имаат обврска во рок од пет месеци преку општинските координатори, обука и едукација на даватели на услуги да овозможат од 1 април да почнат граѓаните да ги добиваат овие услуги во домовите на стари и изнемоштени лица, во домовите за лица со попреченост, како и во дневните центри, рече министерката додавајќи дека ова е серизиозен исчекор и во друг правец, во намалување на невработеноста, особено на тешко вработливите категории граѓани, кои можат да бидат ангажирни во нивната локална средина преку вклучвуање во овие сервиси.

Министерството за труд и соцјална политика првите договори со седум општини – Карпош, Берово, Чаир, Липково, Демир Капија, Ново Село, Василево и Кисела Вода ги потпиша на 26 октомври.