Новата влада ќе се избира од 22 до 28 јануари


Избор на техничка Влада, но и нов претседател на Собрание, како и избор на нов пратеник – се само дел од прашањата кои ќе се разгледуваат на пленарни седници од 22 до 28 јануари. Во Собранието нема да има пратенички прашања. Изборот на член за Државната изборна комисија и бојкотот од шест пратеници засега не е прашање кое ќе се стави на маса пред пратениците.

„Констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседател на држава за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и допопнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник од ИЕ 5“, велат од Собранието за тоа што ќе се дискутира.

За сите активности велат дека јавноста ќе биде известена.

„Допопнително, информираме дека седница за пратенички прашања нема да има до крај на овој мандат. Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по 100 дена мандат на Владата избрана на парламентарните избори“, додаваат од Собрание.