Новата службена влада на Бугарија е со лојалисти на претседателот Радев
Нов министер за надворешни работи ќе биде Николај Милков, сегашен бугарски амбасадор во Франција
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска го соопшти составот на новата службена влада (трета за 15 месеци) во која на повеќето министерски места се наоѓаат луѓе со кои тој, на овој или на оној начин има блиски политички односи. Премиер на службената влада е Галаб Донев, кој е дел од администрацијата на претседателот.
Донев е поранешен министер за социјални работи. Во моментов тој е секретар за демографија и социјални политики на претседателот Радев. Донев беше дел и од претходните служебни кабинети на Радев.
Според она што го пишуваа бугарските медиуми, очекувањата се дека ќе има промена на курсот во правец на Русија и дистанцирање од евроатлантските определби на кои цврсто застана кабинетот на Кирил Петков.
Министер за правда ќе биде Крум Зарков, кој на почетокот од оваа година влезе во битка за лидер на БСП, но беше поразен од Корнелија Нинова. Радев го избра за министер за одбрана Димитар Стојанов, кој од 2017 година е главен секретар на неговиот кабинет. Стојанов дваесетина години беше дел од воените сили на Бугарија. Стојанов е кадар на военото воздухопловство на Бугарија, од каде што дојде и претсдетлот Радев.
Наспроти некои нагаѓања Радев се определи за уште еден амбасадор да ја води надворешната политика на земјата – Николај Милков. Во моментов Милков (65) е бугарски амбасадор во Франција и Унеско, а преходно бил амбасадор во Романија и Канада, како и генерален конзул во Њујорк. Освен некој период во ресорот на одбраната (дел од разузнавањето во генералштабот), Милков речиси целата своја професионална кариера ја има во дипломатијата.
Интересно е што Милков доаѓа за привремен шеф на дипломатијата само шест месеци откако стапи на функцијата амбасадор на Париз. Но веројатно не можел да го одбие повикот на претседателот Радев, кому му беше советник за надворешна политика до ноември 2020.
Клучниот ресор, финансиите, ќе ги раководи Росица Велкова-Желева, која од 2017 па до сега (со мал прекин) беше заменик-министер за финансии, што значи и во владата на Бојко Борисов и во таа на Кирил Петков. За вицепремиер и министер за внатрешни работи е именуван Иван Демерџиев, кој во втората службена влада минатата година беше министер за правда и се залагаше за смена на главниот обвинител Иван Гешев, што е клучна точка за реформите во правосудството во Бугарија.
Радев утре и официјално ќе му стави крај на кабинетот на Петков и на сегашниот состав на собранието, а новите предвремени избори се закажани за 2 октомври. (Н.В.)