Новата пруга од Битола кон Грција зараснува во треви, возови уште нема


Реконструкцијата на пругата чинеше 17 милиони евра. Шест милиони беа грантови од ЕУ, а 11 ги обезбеди македонската влада

Иако пругата е обновена во јануари 2019 година до денеска не е пуштена во сообраќај. Уште се тестира. Никој не дава вистински одговор зошто е закочена работата

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Џбунови со висока трева ја обраснале таблата поставена во индустрискиот дел на Битола, на почетокот од новата пруга Битола-Грчка граница. На таблата убаво пишува кога почнала и кога требало да заврши реконструкцијата на пругата, колку чини и кој ја финансира обновата, ама реално на терен никој не кажува кога пругата ќе биде ставена во функција и кога возот повторно ќе засвири за Грција.

Пругата Битола-Кременица 32 години беше запоставена и низ неа не помина воз. Битолчани кои работат во околните фирми во индустрискиот дел на Битола кои ги затекнавме на првиот премин на пругата, велат дека деновиве забележалe работници кои ја тестирале сигнализација на пругата, но и дека со месеци ништо не се случувало.

„Од лани немаше ништо на пругата, деновиве дојдоа ја проверуваа сигнализација, наводно имале проблем, ама како ја направија така и ја оставија, воз не видовме, тревите ќе ја обраснат“, ни рече вработен во околните фирми, во индустрискиот дел на Битола.

Битолчани уште го чекаат денот кога ќе се воспостават првите линии на пругата со која Битола железнички се поврзува со Грција. Големите предизборни ветувања на власта не се исполнети докрај.

Пругата се изгради во јануари 2019, во април истата година, беше објавено дека е  направен технички прием. Сега повеќе од една година работите тапкаат во место, па она што го ветуваше во Битола екс-министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, сега го ветува и новиот министер Благој Бочварски. Само што за Бочварски тестирањето уште не е завршено.

„На пругата од Битола до Кременица се прават последните тестирања од страна на фирмата ‘Искра’, по завршувањето на тестирањето ќе биде пуштена во пробна употреба и до Жабени, а секако ќе се разговара и за пуштање на целата линија за поврзување со Грција“, рече Бочварски неодамна во Битола.

 

Од битолската железничка станица со децении нема тргнато воз кон Грција

Летово пругата за Грција се најде и на агендата на партијата на власт за последните парламентарни избори. Радмила Шекеринска како носител во ИЕ 5 зборувајќи за пругата топката ја префли на грчка страна.

„Железничката пруга од Битола кон Грција, која се ветуваше долги години, успеавме во првите две години да ја завршиме и чекаме исклучиво грчката страна да го исполни својот дел од обврските за оваа инфраструктура да влијае на поврзување во регионот и подобри билатерални односи“, рече министерката за одбрана Шекеринска.

Големи се очекувањата на стопанствениците од Пелагонискиот регион од пуштањето во употреба на новата пруга, но и тие немаат информации каде закочиле работите. Знаат една работа – дека оваа пролет, во мај, имале најава дека стопанските комори од македонска и грчка страна, заедно со претставници на нашата влада, требало да присуствуваат на свеченото отворање на пругата на самата македонско-грчка граница. Но, факт е дека од грчка страна мал дел од пругата сѐ уште не е обновен.

„Кога би можело да се стават економските вредности на едно повисоко ниво меѓу двете земји, ќе биде корисно, ама во вакви, никакви економски односи меѓу двете земји и без трговска размена која ја очекувавме, што да речам? Короната ја спречи таа трговска размена и сега пругата е надвор од квалификација. Ако се дадеше акцент на соработката со пристаништето, нови договори и пругата ќе беше поефикасна. Зашто ако возовите сообраќаат само за патници, без стопанство, ќе биде едно ништо“, ни изјави Мирко Велковски претседател на Регионална стопанска комора со седиште во Битола.

Во Пелагонискиот регион, Битола, Ресен, Демир Хисар, над 160 извозно ориентирани фирми го користат пристаништето во Солун. Околу 40 фирми кои работат во Пелагонија, вклучително и Прилеп, а кои се со грчки капитал, исто така го користат грчкото пристаниште. И фирмите увозно ориентираните фирми имаат потреба од железница.

„Не само ние туку и Европа ја очекува оваа пруга, затоа и вложија во неа, пред сѐ заради трговска размена и економската исплатливост. Сега сѐ што носиме од Грција е со камиони, а тоа нѐ чини повеќе, 30 до 40 проценти повисоки трошоци за превоз“, вели Велковски.

Во индустриската зона „Жабени“ работи фирмата „Concrete Solutions“, странска инвестиција која произведува бетонски продукти. Транспортот на стоката за сите странски инвестиции во зоната се одвива со камиони.

„Пругата ќе ни биде од голема корист, ќе може да се набавуваат материјали потребни за производство по значително подобри цени, бидејќи ќе се намали цената на транспортот. Со тоа ќе се добијат и подобри цени на производот и ќе биде поконкурентен и на домашниот и на странскиот пазар. Пругата ќе ни овозможи нови пазари како Грција, Србија и други балкански земји“, велат од  „Concrete Solutions“ во Битола.

Изградбата на пругата Битола-Кременица е проект финансиран од државниот буџет и средства од европските фондови. Зафатот вреден 17,2 милиони евра е финансиран со грант од Европската унија (6 милиони евра) и со средства од државниот буџет (11 милиони евра).

Пругата од Битола до пограничното село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 17 километри. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата. Со проектот се изградија 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и објект за сигнализација и телекомуникации на потегот меѓу Битола и Кременица.

Локалната власт во Битола смета дека пругата ќе придонесе за економско јакнење на Пелагонискиот регион и ќе има повеќекратно значење за Општина Битола.

„Придобивките за целиот Пелагониски регион пред сѐ ќе бидат насочени кон економијата, а за многу кратко време по нејзиното функционирање, нив ќе ги почувствуваат компаниите кои работат во овој дел на земјава. Ќе се даде  дополнителен импулс за стопанството во Битола и целиот југозападен регион“, велат од Општина Битола.