Новата методологија за проширување ќе биде објавена оваа недела


Drapeaux Berlaymont

Европската комисија ќе ја објави новата методологија за проширувањето на Унијата оваа недела, објави „ЕУобсервер“.

„Нашата цел не е да го редизајнираме проширувањето, туку да го засилиме процесот“, изјавил за ЕУобсервер портпарол на Комисијата. Според него, предлозите се насочени да ги направат „преговорите за пристапување поефикасни, покредибилни, предвидливи, објективни, политички и подинамични“. Тие, исто така, се дизајнирани „да ги земат предвид загриженостите искажани од некои од земјите-членки“.

Оваа промена на методологијата на проширувањето дојде по ветото на Франција за Македонија и Албанија на октомврискиот самит на лидерите. По тоа следеше објавувањето на нон-пејперот на Франција, а неколку недели подоцна и на друг нон-пејпер на десетина други членки на ЕУ.

„Ние, исто така, сакаме да ги здружиме и интегрираме нашите партнери од Западен Балкан, во рана фаза, во клучните политики на ЕУ како Зелениот договор, инфраструктурата и дигиталните политики“, изјави портпаролот на Комисијата, во врска со француските идеи за постепено пристапување.

Според портпаролот „ние треба да бидеме сигурни дека ако едната страна го испорача она што е побарано, и другата треба да го направи тоа“, рече и портпаролот, алудирајќи на шок вето на Франција за Албанија и Северна Македонија.

„Ние побаравме двете земји да направат многу, тие ги исполнија критериумите и … сега мора да испорачаме“, додаде портпаролот.

Европската комисија и нејзината претседатлка Урсула фон дер Лајен неколку пати изјавуваа дека приклучувањето на Западен Балкан кон Унијата е геостратегиски интерес.

Ако 27-те комесари се согласат за новите прелози на нивната седница во вторник (4 февруари), тогаш европските лидери ќе бидат подготвени да ја усвојат финалната верзија на нивниот самит во март. Тоа ќе го зголеми оптимизмот за успешен самит на ЕУ и Западен Балкан во мај во Загреб. Според најавите, Европската комисија како подготовка за самитот во мај ќе излезе и со економски развоен план за регионот.