Новата италијанска Влада положи заклетва

Новата италијанска коалициска Влада денеска положи заклетва во свечената сала на Квириналската палата, службената резиденција на претседателот Серџо Матарела.

– Се колнам дека ќе бидам лојален на републиката и ќе го почитувам нејзиниот устав и закони и ќе ги извршувам моите должности само во интерес на нацијата, рече премиерот Џузепе Конте.

Истите зборови ги кажаа сите 21 министер во Владата.

Членовите на новиот кабинет, чија просечна возраст е 37 години, во моментов ја одржуваат својата прва седница.

Една од првите одлуки што се очекува да се донесе е назначувањето на поранешниот премиер Паоло Џентилони од Демократската партија, за претставник на Италија во новата Европска комисија.

Новата Влада ја сочинуваат Движењето пет ѕвезди, членка на досегашната владејачка коалиција, и опозициската Демократска партија.

Формирањето на новата влада доаѓа по распадот на досегашната коалиција на Движењето пет ѕвезди и десничарската Лига на Матео Салвини, кој сакаше нови избори со надеж дека ќе освои мнозинство доволно за Лигата сама да формира Влада, а со оглед на големата популарност што во моментов лично ја ужива поради својата антиимигрантска и анти-ЕУ политика.