Новата грчка Влада денес ќе положи свечена заклетва


Грција- Во претседателската палата во Атина, во 12 часот по локално време, членовите на новата грчка Влада ќе положат свечена заклетва, по што ќе следи и примопредавање на функциите во министерствата, додека, пак, првата владина седница ќе се одржи утре, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Министерството за надворешни работи на Грција, еден час по заклетвата, односно во 13 часот по локално време, шефот на грчката дипломатија во заминување, Јоргос Катругалос ќе му ја предаде функцијата на новиот МНР на Грција, Никос Дендиас.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас од Генералниот секретаријат за медиуми, вчера го соопшти составот на владата на Кирјакос Мицотакис, ги објави имињата на министрите, замениците и алтернативните министри.

Кабинетот на Мицотакис, има 51 член (министри, заменици министри и алтернативни министри) од кои 21 за прв пат влегуваат во политиката. Во владиниот состав има само пет жени.

Во Министерството за надворешни работи ќе бидат Дендиас, Варвициотис, Франкојанис и Диаматарис . Шеф на грчката дипломатија е Никос Дендиас, алтернативен министер за надворешни работи надлежен за европски прашања е Милтиадис Варвициотис, заменик министер за надворешни работи одговорен за економска дипломатија е Костас Франкојанис, а заменик МНР за дијаспората, Андонис Диаматарис

Заменик претседател на владата е Панајотис Пикраменос, кој е поранешен претседател на Врховниот суд на Грција и поранешен службен грчки премиер, а владин портпарол Стелиос Пецас кој беше директор на кабинетот на Мицотакис во Нова демократија.

Одговорен во Министерството за финансии ќе биде Христос Стајкурас, кој ќе има тројца заменици надлежни за различни области.

Новиот грчки премиер воведе новини во министерствата, особено во надлежностите на замениците министри и на алтернативните министри.

Досегашното министерство за економија се преименува во Министерство за развој и инвестиции.

Владата, за претседател на парламентот што почнува со работа на 17 јули, го предлага Константинос Тасулас. Откако ќе се отвори парламентот, пратениците ќе положат свечена заклетва, потоа ќе биде избран претседателот, по што ќе следи и тридневна расправа на која ќе биде презентирана владината програма и ќе се гласа доверба.

Кирјакос Мицотакис, откако во неделата победи на предвремените парламентарни избори, вчера од претседателот на државата го доби мандатот за формирање влада, по што и положи свечена заклетва.

Во присуство на потесниот круг на семејството, односно сопругата, нивните три деца, неговите сестри, меѓу кои и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани и пред претседателот на државата, Мицотакис положи свечена заклетва во претседателската палата.

Оттаму, пеш се упати кон премиерската палата, каде што од, сега веќе поранешниот премиер Алексис Ципрас ја презеде функцијата претседател на владата на Грција.

На почетокот од средбата премиерот во заминување го пречека неговиот наследник на влезот од палатата “Максимос”, додека пак на крајот, на истото место Мицотакис го испрати Ципрас.

Церемонијата на положување свечена заклетва во претседателската и примопредавањето на функцијата во премиерската палата предизивикаа голем интерес како кај грчките така и кај странските медиуми. Со оглед на тоа дека кабинетот на претседателот и кабинетот на премиерот ги дели една улица, просторот пред двете палати беше полно со новинарски екипи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи на Грција во соработка со Singular Logic, софтверската компанија задолжена за пребројување на гласовите, ги објави конечните резултати од предвремени парламентарни избори во Грција.

Нова демократија освои 39, 85 отсто, односно 8,32 отсто повеќе од СИРИЗА, додека пак во парламентот, место обезбедија шест политички партии.

Поконкретно според конечните резултати по пребројаните 100 отсто од гласовите:

Нова демократија 39,85 отсто – 158 пратенички места

СИРИЗА 31,53 отсто – 86 пратенички места

Движење на промена 8.10 отсто – 22 пратенички места

Комунистичка партија на Грција 5,30 отсто – 15 пратенички места

Грчко решение 3,70 отсто – 10 пратенички места

МЕРА25 3,44 отсто – девет пратенички места

Изненадувањето на изборите е тоа што Златна зора, не успеа да ја достигне

потребната граница од три отсто за влез во парламентот. Освоија 2,93 отсто од

гласовите на Грците.

Излезноста на изборите беше 57,92 отсто, а 2,08 отсто од гласачките ливчиња биле неважечки.