Новата еврокомесарка Марта Кос ќе се вклучи во решавање на билатералните прашања

Марта Кос доби зелено светло по денешното сослушување во Европскиот парламент. Таа нагласи дека Македонија треба да ги спроведе договорените уставни промени


Марта Кос за време на сослушувањето во Европскиот парламент (Фото: СТА)

 

Словенечката кандидатка за еврокомесар за проширување на ЕУ, Марта Кос, по денешното сослушување доби зелено светло од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Денешното нејзино неколкучасовно сослушување беше напнато во одредени моменти, особено околу прашањата на претставниците на словенечката опозиција, од партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша, за тоа дали бил дел од југословенската Удба. Партијата на Јанша правеше сѐ да ја поткопа канидатурата на Кос.

Во сослушувањето Марка Кос малку ја спомена Македонија како кандидат за членство, велејќи дека Скопје мора да ја исполни преземната обврска да го промени уставот. Но нагласи и дека билатералните прашања и спорови не треба да бидат дел од процесот на проширување.

На краток рок, Марта Кос ќе се стреми да ги затвори поглавјата со Црна Гора, да ги отвори преостанатите делови со Албанија и да го отвори основниот преговарачки дел со Македонија, Украина и Молдавија. „Решавањето на блокадите во процесот на проширување е централна задача на мојот мандат. Билатералните прашања, без разлика дали се меѓу земјите кандидати или со земјите-членки на ЕУ, предизвикаа големи одложувања во минатото. Без да се негира легитимноста на загриженоста во основата на овие спорови, тие мора брзо да се решат за да не се попречи напредокот на партнерите за проширување и да не се наруши кредибилитетот на процесот“, оцени Кос.

Во своето уводно излагање Кос претстави план за зајакнување на политиката за проширување на Унијата. Таа потсети на пристапувањето на Словенија во ЕУ, додавајќи дека сака да го внесе истиот фокус и енергија во процесот на проширување, како што беше видено во словенечкиот случај.

Таа ја истакна потребата од проширување, поголема ЕУ со спроведување на реформи значи и посилен глас на глобално ниво. „Ќе вложам напори да се осигурам дека идните членки се подготвени за пристапување. Тоа е маратон, а не спринт. Можеме да ги прифатиме само оние членки кои ќе се посветат на европските вредности и принципите на владеењето на правото“, нагласи Кос. Таа најави дека нејзината главна цел ќе биде да ги поддржи земјите кандидати за влез во ЕУ. „Сакам да бидам сигурна дека процесот на проширување е предвидлив и дека имаме силна насока во тој процес“, рече таа.

Преговорите ќе бидат транспарентни и инклузивни, увери таа, додавајќи дека никогаш нема да го компромитира квалитетот на преговарачкиот процес поради неговата брзина. „Нема да се двоумам кога ќе предложам корективни мерки засновани на стагнација и уназадување“, ја спомена таа можноста да се направи чекор назад на патот на кандидатите во случај на негативни трендови.

Живееме во време на длабоки промени, авторитарните режими сакаат колапс на Европа, Украина се бори да го одбрани својот територијален интегритет и е на работ на брутална сила, рече Кос. „Нашата задача е да бидеме најсилниот можен партнер на украинската нација. Поддршката на Украина и отпорот на руската агресија е приоритет за мене“, нагласи таа.

Како што веќе напиша во писмените одговори до пратениците, таа и усно одговори дека помирувањето и регионалната соработка ќе бидат суштински елементи на процесот на проширување на Западен Балкан: „Ќе се вклучам во решавањето на билатералните прашања и ќе барам решенија. Ова не смее да стане пречка на патот кон ЕУ“.

Апсолутен приоритет на Марта Кос (која доаѓа од партијата на премиерот Роберт Голоб, Движење за слобода) е да ја поддржи Украина и да се спротивстави на руската агресија. Според извештајот на словенечкиот весник „Дело“, таа ја истакнала поголемата и реформирана ЕУ како стратешка неопходност.

Расправата заврши со аплауз на пратениците. Според извештаите, Кос добро одговорила на прашањата на европратениците. Политичките групи во комисијата потоа ги подготвија своите оценки, а нивните координатори одлучија дека Марта Косги исполнува условите.

Билатералните прашања не треба да бидат пречка за влезот во ЕУ, рече Марта Кос

„Проширувањето на ЕУ е како црвена нишка на мојот живот. Сакам да внесам фокус и енергија во процесот на проширување“, беше воведната реченица на Кос. Веднаш на почетокот на презентацијата таа истакна дека должност на ЕУ е да биде близок сојузник на Украина. „Отпорот на руската агресија е мој приоритет“, додаде таа, отфрлајќи ги сите претходни критики за нејзиното наводно русофилство. „Проширувањето денес е историска можност да се постигне мир и просперитет на целиот континент“, го заврши своето воведно излагање Марта Кос, обраќајќи им се на членовите на Комисијата за надворешни работи на три јазици – словенечки, германски и англиски.

Таа нагласи дека особено значење ќе им се придава на реформите во правосудството и владеењето на правото. Таа ја цитираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која вели дека проширувањето е катализатор за реформите во ЕУ, бидејќи без приспособување на работењето на институциите на ЕУ и начинот на одлучување, тешко ќе се спроведе поголемо проширување.

Најголем дел од главоболките на патот до позицијата на Марта Кос како еврокомесар ѝ предизвикаат европратениците од словенечката опозициска партија СДС на Јанез Јанша. Како и поединечни политички сојузници од националистичко-суверенистичката нова политичка група Патриоти за Европа, како и крајните десничарски европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Координаторот од групата на ЕПП, Михаел Галер, ја праша Кос за геополитичките дилеми на проширувањето и постепената интеграција на кандидатите во ЕУ, вклучително и конкретното вклучување во системот за роаминг во мобилната мрежа или во системот за плаќање СЕПА. Марта Кос повтори дека проширувањето ќе се заснова на заслугите на кандидатите. Сепак, како што рече, ќе се зафати со областите во кои кандидатките би можеле постепено да влезат во ЕУ.

Координаторот на втората по големина политичка групација С&Д, Начо Санчез Амор, се интересираше дали ќе ги брани сите демократски стандарди на ЕУ во процесите на проширување. „Тоа е во сржта на сите мои напори. Европските вредности се важни, не е само економијата или географската близина. Прашање е каква Европа сакаме. Целиот процес на интеграција во ЕУ се заснова на вредности. Без вредности, ништо нема смисол, бидејќи ние сме единствениот регион во светот кој сè уште ги брани основните вредности како слободата и еднаквоста“, одговори таа.

Кинга Гал од унгарскиот Фидес (Патриоти за Европа) ја праша кандидатката како ќе ја продолжи работата на комесарот Оливер Вархеи кој овозможил Западен Балкан напредува кон ЕУ. Марта Кос процени дека еден или двајца кандидати може да се доведат до крајот на процесот во претстојниот мандат. Таа конкретно ги спомена Албанија и Црна Гора. 

Гал се интересираше за тоа како ќе го усогласи своето залагање за одлучување со квалификува мнозинство. Кос одговори дека треба да се задржи консензус на почетокот и на крајот на пристапниот процес, но не е баш најцелисходно да се одржува и во средните фази.

Полјакот Адам Билан, координатор на политичката група на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), ја праша  како го замислува процесот на интеграција на Украина во наредните години и кои се главните пречки на нејзиниот пат кон ЕУ. „Украина внесе нова динамика во целиот процес на проширување. Проширувањето сега е приоритет на ЕУ поради Украина, која е прва земја кандидат и е во војна. ЕУ досега има инвестирано 118 милијарди евра во пристапот на Украина во ЕУ. Покрај тоа, ќе се залагам да го привлечам приватниот сектор во инвестирањето во обновата на Украина“.

„Нема да прифатам земја-кандидат што ги исполнува сите услови да биде заглавена на крајот од патот“, одговори Марта Кос на прашање на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук (Обнови ја Еевропа). Таа објасни дека ќе работи многу со земјите членки. Ова треба да спречи формирање на блокади.

Кос жестоко негираше дека некогаш бил информатор на Удба: „Многу е важно ова да се расчисти еднаш засекогаш. Доколку бидам потврдена како комесар, дозволете ми да ви кажам дека интегритетот ми е исклучително важен“, со што тактички го разоружа европратеникот Милан Звер, кој доаѓа од партијата на Јанша. Оваа партија е најжесток критичар на кандидатурата на Марта Кос и ја обвинува дека била соработник на Удба.

„Тоа се лажни информации. Од номинацијата, прочитав многу лажни работи за себе. Ги сфаќам сериозно. Никогаш не сум учествувала, никогаш не сум бил доушник на поранешната југословенска разузнавачка служба. Интегритетот ми е многу важен, затоа не сакам да ме обвинуваат за работи засновани на лаги“.

Милан Звер повтори дека партијата СДС не ја поддржува, не само поради нејзиното политичко минато, туку и поради нејзината политичка сегашност. Тој ја обвини дека доаѓа од екстремната левица на словенечката политика, која ги вклучува Милан Кучан и Зоран Јанковиќ, кои, оцени тој, се поддржувачи на рускиот претседател Владимир Путин. Од ова, Милан Звер го извлече прашањето како словенечкиот кандидат ќе може целосно да ја поддржи Украина на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Не сум од никого, само малку од мојот сопруг кој ме придружува денеска. Убеден сум дека ќе успееме совршено да ја извршиме работата на комесар. Зад мене се 35 години работа, кога и служев на словенечката земја и ги бранев словенечките интереси. За мојот интегритет говори и фактот што ја добив една од највисоките државни награди во Германија. Сигурен сум дека ќе бидам добар комесар. Тоа што Словенија го доби портфолиото за проширување е најдоброто нешто што можеше да ни се случи“, одговори Марта Кос.

На прашањето на бугарскиот пратеник Станислав Стојанов од радикалната десница (Европа на суверени нации) за политиката на новата македонска влада да не го вклучи бугарското малцинство во Уставот, Марта Кос објасни дека ЕУ очекува Скопје да го промени Уставот како што е договорено.

Унгарецот Андраш Ласло, пратеник во Европскиот парламент на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја обвини Марта Кос дека е маскиран автократ, која соработувала со Удба во претходниот режим, но во транзиција таа се трансформира во навидум демократска политичарка.

По ова обвинување, шефот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер (ЕПП), интервенираше и ја заштити Марта Кос од лична дисквалификација. Кос повторно ги отфрли обвинувањата дека била доушник на поранешната тајна служба. Тоа беше петто пратеничко прашање на оваа тема.

Повеќе европратиници од Словенија ѝпоставија прашање на Марта Кос. Еден од нив беше Владимир Пребилиќ (Европски Зелени). Тој се фокусираше на односите меѓу Србија и Косово во светло на изјавите на новиот американски претседател Доналд Трамп за потенцијалната размена на територии меѓу двете земји. „Ќе видиме што ќе се случи во јануари. Но, време е да се потпреме на она што може  да го направи Европа, а не на она што другите ќе го направат. Размена на територија не доаѓа предвид“, рече Кос.

Марјан Шарец (поранешен словенечки премиер) рече дека за обвинувањата за Удба зборувал и претседателот на најголемата опозициска партија Јанез Јанша. Тој додаде дека Јанша е единствениот претседател на партија кој бил член на комунистичката партија. Тој ја праша кандидатката како ќе се погрижи земјите-членки да не го искористат влезот на кандидатки за да извршат притисок врз нив. Марта Кос предупреди дека билатерализацијата и воведувањето билатерални прашања во процесот на пристапување нема да место за време на нејзиниот мандат како комесар.

Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, ѝ честиташе на Марта Кос за, како што рече, исклучителната презентација на сослушувањето. „Областа на проширување на ЕУ што ѝ е доверена ќе биде една од клучните политики на новиот состав на Европската комисија“, додаде тој.

За да помине кандидатурата Марта Кос, требаше да ја поддржат координаторите на групите во Европскиот парламент, кои имаат најмалку две третини или 51 од вкупно 79 пратеници. Таа ја доби поддршката. (Н.В.)