Новата Четиричлена банда

Кина, Иран, Северна Кореја и Русија немаат формална алијанса посветена да се бранат една со друга. Но, тие формираа заеднитво поттикнато од заедничката антипатија кон постојниот светски поредок предводен од САД, и не постои едноставен начин САД и нивните сојузници да одговорат


Четиричлена банда беше името дадено на четворица високи кинески функционери тесно поврзани со некои од најрадикалните карактеристики на Културната револуција. Тие изгубија во борбата за моќ што следеше по смртта на Мао Цетунг, по што беа уапсени, осудени за разни злосторства и затворени.

Педесет години подоцна, се појави нова банда на четворица: Кина, Иран, Северна Кореја и Русија. Оваа групација не е формален сојуз посветен да се брани еден со друг. Но, тоа е усогласување поттикнато од заедничката антипатија кон постојниот светски поредок предводен од САД и има меѓусебна размена на воена, економска и политичка поддршка.

Оваа четиричлена банда се обидува да го спречи ширењето на западниот либерализам на домашен терен, што тие (правилно) го гледаат како закана за нивното задржување на власта и за авторитарните политички системи со кои раководат. Тие, исто така, се противат на американското лидерство во странство, вклучувајќи ги и нормите што ги прифаќаат Соединетите Држави и нивните партнери, пред сè на забраната за стекнување територија со закана или употреба на сила.

Меѓусебната поддршка на бандата има неколку форми. Во пресрет на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, Кина потпиша договор со Русија во кој се изјавува дека нивното меѓусебно пријателство „нема граници“, додека Русија изрази поддршка за позицијата на Кина во однос на Тајван. Оттогаш, Кина ги повторува руските говорни точки за војната во Украина, обвинувајќи го НАТО за тоа и засилувајќи ги руските дезинформации.

Во економската сфера, Кина се спротивстави на санкциите поврзани со војната против Русија, таа е најголемиот увозник на иранска нафта во светот и долго време ја субвенционира Северна Кореја. Воено, Иран обезбеди ракети и беспилотни летала за Русија, Северна Кореја обезбеди артилериски гранати, а Кина се чини дека обезбеди технологии за двојна употреба и индустриски инпути со воени апликации што САД и нивните сојузници се обидоа да ги држат подалеку од рацете на Русија. Русија, наводно, возвратила помагајќи им на овие земји да ги подобрат нивните нуклеарни, ракетни или подморнички програми и споделувајќи разузнавачки информации за западните вооружени системи добиени од нејзината војна со Украина.

За жал, ниту една единствена или едноставна политика нема да биде доволна за да се спротивстави на овој сојуз. Не постои дипломатска можност да се искористат поделбите меѓу нив, за разлика од раните 1970-ти, кога САД ги искористија кинеско-советските тензии за да ја привлечат Кина кон Запад. Дополнително комплицирајќи ги работите, Кина е фундаментално различна од другите три. Таа е интегрирана во глобалната економија и главен трговски партнер за многу земји во западната безбедносна орбита. Напорите да се изолира Кина економски или да се користат трговијата и инвестициите за да се обликува нејзиното однесување ќе имаат ограничено влијание.

Кина, исто така, е осамена меѓу четирите во настојувањето да не го поништи постојниот меѓународен поредок толку многу туку да го прилагоди кон нејзините надворешно-политички цели. Иран, Северна Кореја и Русија се многу помалку интегрирани во глобалната економија, иако меѓусебно се извор на увоз и пазари, а Иран и Русија имаат други трговски партнери. Индија останува главен купувач на руска енергија и оружје. Десетици земји од таканаречениот Глобален Југ одбија да ја осудат руската агресија во Украина или да поддржат санкции против Русија.

Северна Кореја е најизолирана од четирите, но нејзината ранливост на санкции е ограничена од интересот на Кина да го спречи нејзиниот колапс, стравувајќи од нестабилност на нејзината граница и обединета Кореја поврзана со Западот. Русија, со оглед на нејзиното потпирање на севернокорејската артилерија, најверојатно ќе му обезбеди и на режимот на Ким Џонг-ун поголема помош.

За да се соочат со овој предизвик, САД, во координација со Јужна Кореја, би можеле да истражат релаксирање на санкциите во замена за чекори на Северна Кореја за ограничување на обемот на нејзината нуклеарна и ракетна програма. Блиските врски меѓу САД и Јужна Кореја треба да работат на обесхрабрување на севернокорејската агресија.

Русија, од своја страна, не смее да надвладее над Украина. Ова бара одржување на долгорочна воена поддршка за Украина, истовремено продолжувајќи ги безбедносните гаранции и членството во Европската унија, а сето тоа би му сигнализирало на Владимир Путин дека не е во право кога мисли дека може да го надживее Западот. Ова не би донело мир, но би можело да го постави теренот за дипломатија која ќе стави крај на борбите и ќе ја зачува независноста на Украина. Залагањето за Украина, исто така, ѝ покажува на Кина дека не треба да очекува одврзани раце со Тајван.

Во случајот на Иран, долгорочен приоритет мора да биде да се обезбеди – преку дипломатија или закана или употреба на воена сила – да не развие нуклеарно оружје. Непосредните цели треба да бидат да се заузда поддршката на Техеран за неговите испостави што предизвикуваат хаос низ Блискиот Исток (секако полесно да се каже отколку да се направи) и да се спречи војната меѓу Израел и Хамас да прерасне во регионален конфликт (што Иран можеби не го сака, со оглед на домашни предизвици).

Кина го претставува најкомплицираниот предизвик од четворицата, поради своите стратешки амбиции и подготвеност да ги искористи своите економски сили и воена моќ за да ги постигне своите цели. Ќе биде потребен дијалог, одвраќање и, понекогаш, уверување за да се влијае на кинеското однесување и да се искористи неговиот интерес за одржување на пристапот до технологијата и пазарите.

САД и нивните партнери треба да претпостават дека ој нов сојуз ќе опстојува и потенцијално ќе се продлабочи. Тоа не треба да ги спречи дипломатските контакти, кои се алатка, а не услуга. Дипломатијата ја зајакнува пораката дека целта на САД е промена на политиката, а не промена на режимот, бидејќи промената на режимот е недостижна и може да поттикне уште помала воздржаност меѓу Четиричлената банда.

Влијанието на САД и Западот исто така ќе ја одрази силата на САД и Западот. Ова подразбира потреба да се поправат одбранбените индустриски бази низ САД, Европа и Индо-Пацификот и да се подобрат и интегрираат воените капацитети за да се земе предвид можноста за конфликт во повеќе региони. Згора на тоа, Западот мора да создаде синџири на снабдување за критичните стоки кои не се потпираат на овие четири земји.

САД, исто така, мора да го модернизираат својот нуклеарен арсенал како одговор на масивното нуклеарно засилување на Кина (и немилосрдното на Северна Кореја) и можноста Новиот СТАРТ договор со Русија да истече во 2026 година. Дома, САД треба да го намалат својот зголемен долг (сега повисок од нивниот БДП) и да ги спречат нивните политички поделби да влијаат во нивните меѓународни обврски.

Но, главната алатка за спротивставување на Четиричлената банда е ефективно контрасојузништво. За среќа, тоа веќе постои во мрежата на сојузи и партнерства во Европа и Индо-Пацификот. Предизвикот за САД е да обезбедат присуство и предвидливост што ги бараат таквите односи. За американските партнери, предизвикот е да придонесат повеќе кон заедничката одбрана и да ја координираат политиката за да се исполнат заедничките предизвици – вклучително и оние поставени од Четиричлената банда.

(Ричард Хас е почесен претседател на американскиот Совет за надворешни работи. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)