Новата бугарска еврокомесарка лесно го помина сослушувањето во ЕУ парламентот

Илијана Иванова повеќе ја знаат во Брисел отколку во Бугарија затоа што со години службува во европските институции


Илијана Иванова за време на сослушувањето

 

Илијана Иванова, кандидат на Бугарија за еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, успешно го помина речиси тричасовното сослушување во Европскиот парламент во вторникот (5 септември), освојувајќи аплауз од европратениците.

Иванова, поранешна европратеничка (2009-2012) и членка на Европскиот суд на ревизори (2013-2023), беше изборот на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен меѓу двајцата кандидати – машко и женско – на Бугарија откако Марија Габриел ја напушти работата како комесар да се врати во националната политика.

Иванова, која неделава ќе наполни 48 години, е попозната во Брисел отколку во Бугарија, бидејќи најголемиот дел од својата кариера го помина во европските институции. Како и Габриел, и таа припаѓа на партијата ГЕРБ, поврзана со ЕПП, на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Според нејзиното ЦВ, таа зборува англиски, француски, германски и руски јазик. Во својата писмена воведна изјава таа премина од бугарски на англиски, потоа на германски и на француски. Но, во парламентот таа на сите прашања одговараше на англиски, освен кога одговараше на сонародниците и сопартијците Ева Мајдел и Асим Адемов.

Во својата воведна изјава, Иванова вети дека ќе го подобри квалитетот на трошењето на ЕУ, ќе обезбеди подобра рамнотежа меѓу половите и ќе стави акцент на младинскиот ангажман во нејзиното поле на одговорност.

Таа го нарече своето ново портфолио „фасцинантно“ и вети чесност и транспарентност во реализацијата.

Нејзиното портфолио опфаќа програми како што се Хоризонт Европа, седумгодишната научноистражувачка иницијатива на ЕУ, програмата за размена на образование Еразмус+, градење на Европската област за истражување, правење на Европската образовна област реалност до 2025 година, ажурирање на Акцијата за дигитално образование

Сослушувањето на Иванова повеќе се сметаше за тест за капацитетот на пратениците кога ќе дојдат на испрашување поконтроверзните кандидати за комесари, како што е холандскиот Вопке Хекстра, кој е номиниран да го замени Франс Тимерманс, царот на ЕУ за климатските промени.

Друг тешкаш на Комисијата што наскоро треба да биде сменет е Маргрете Вестагер, која е кандидат на Данска за претседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Иванова ќе стане комесарка на 12 септември, кога се очекува пленарната седница на Европскиот парламент да го одобри нејзиното назначување.

Бугарија е единствената земја од ЕУ која никогаш немала машки комесар. Претходните бугарски комесари беа Меглена Кунева, Кристалина Георгиева и Марија Габриел.