Новата аукција ја зголеми цената: Еврообврзницата 500 милиони евра со камата од 6,96 отсто

Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто, што е значително повеќе во однос на претходната аукција кога Македонија се задолжи за 600 милиони евра со вкупна камата од 6,5 отсто, но тогаш еврообврзницата беше откажана бидејќи не обезбеди потпис од министерот за правда


Македонија се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто. Рокот на отплата е четири години.

Како што посочуваат од Министерствот за финансии, заинтересираноста на инвеститорите за деветата еврообврзница била над 2 милијарди евра или за половина милијарда евра повисока во однос на првата аукција, „што ја докажа уште еднаш нивната доверба во политиките кои ги води Владата“.

Инаку, во споредба со претходното неуспешно издавање на деветтата еврообврзница, сега задолжувањето е помало, но со повисока камата. 

Минатиот месец еврообврзницата изнесуваше 600 милиони евра со купонска камата од 6,25 отсто, а со другите трошоци, фактичката камата беше 6,5 отсто. Но оваа обврзница беше откажана бидејќи од моментот на нејзиното издавање до моментот на таканареченото поравнување, не беше обезбеден потпис од министерот за правда, кој во тој период поднесе оставка, поради започнатиот процес на реконструкција на Владата.

Откако заврши конституирањето на новиот состав на Владата, се одржа и новата аукција на деветтата еврообврзница, но во меѓувреме, очигледно, условте на финансиските пазари се затегнаа дополнително.  

Од Министерствто за финансии оценија дека аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница помина успешно, со четири пати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата.

„Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96%, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3%. Ова значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција“, посочуваат од Министерството за финансии.

Од таму додаваат дека остатокот од средствата планирани за буџетските потреби за 2023 година се обезбедува преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, односно Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и др., со пониска камата, кои во исто време ќе бидат поддршка за политиките кои се спроведуваат, а кои на среден и долг рок ќе придонесат за поголем раст.

Инаку, годинава треба да се платат обврските по основ на стари долгови. Станува збор за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, односно 594 милиони евра за главница и 138 милиона евра за камати.