Новаковски: Шпекулациите околу резултати од гласањето се лага


Шпекулациите кои се појавија овие два дена околу наводни резултати од гласањето се апсолутна лага! Не постои можност никој да знае, уште помалку да се даваат резултати. Партиите и со својата машинерија не можат тоа да го знаат, изјави во „Утрински брифинг“  Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.

-ДИК се надевам дека успешно ги заврши едукациите. Ако земеме дека изборниот процес се следи од распишувањето на изборите па се до изборниот ден, тука главен фактор се избирачките одбори. Се надевам дека се излечени детските болести околу отворањето на избирачките места. Најголем предизвик ќе биде избирачките одбори да си ја завршат работата, бидејќи тие се клучните луѓе. Да не се дозволи групирање на избирачките места, да се соберат резултатите. Нерегуларностите треба веднаш да се пријават и мислам дека во сета оваа здравствена криза добро се организирани избирачките одбори, рече Новаковски.

-Можноста на партите да влијаат на ДИК во текот на изборниот ден е сведена на минимум. Тие може да се појават кога ќе се одлучува околу некои евентуални приговори, но доколку избирачките одбори ја завршат својата работа како што треба тогаш и тука можноста е сведена на минимум. Јас сум оптимист и мислам дека сите мерки на заштита се преземени, порача Новаковски.