Новак: Модерните војни се насочени против цивили, ова ниво на бруталност е невидено


Поранешниот специјален известувач на ОН за злоставување Манфред Новак истакна дека насилството во модерните војни примарно е насочено против цивили.

– За жал во овој момент имаме тенденција на брутализација на вооружените конфликти, констатираше Новак во изјава за агенцијата АПА.

Тој рече дека тоа е голема разлика меѓу класичните војни од претходните векови до Првата светска војна.

Според него, причината за тоа е што има се помалку „класични меѓународни војни“ и се повеќе „внатрешни вооружени конфликти со меѓународно учество“. При тоа, доаде тој, се потешко е да се прави разлика меѓу војници и цивили.

Најдобар пример за тоа, како што укажува Новак, е Сирија, каде во тек е многу брутална граѓанска војна меѓу режимот и сите можни групи, од кои некои се и терористички и вршат тешки прекршувања на човековите права, како што е Исламска држава.

– Кога денеска ќе ја погледнете Сирија, гледате дека најмногу е погодено цивилното население. Поради тоа и половина од населението избега во странство, рече тој.

Слично е и во другите региони како што се Авганистан, Ирак, Конго, Сомалија, каде се вмешани во поголем дел, недржавни актери, пред се терористички групи, како Боко Харам или Исламска држава.

Експертот за човекови права утврди и пад на значењето на човековите права во западниот свет, кој досега се залагаше за нив.

– Во Русија и Турција, но и во ЕУ човековите права се повеќе се доведуваат во прашање, објасни тој наведувајќи ја како пример „илибералната демократија“ во Унгарија, односите во Полска и тенденциите во западна Европа.

– Најголемиот предизвик е да се прекине ескалацијата, насилството и омразата, кои ги гледаме ширум светот, и кои често се и верски мотивирани, да се вратиме на дијалогот и на демократски начин да се однесуваме едни кон други, истакна Новак.

Според него, затоа е важно да се дејствува против лажните вести на социјалните медиуми со кои се поттикнува омраза против луѓето.

Новак ја гледа стратегијата на ОН за одржлив развој како добра рамка за подобрување на состојбата со човековите права во светот, укажувајќи дека повеќето цели се поврзани со човековите права, како што е борбата против сиромаштијата, гладот, како правото на храна и еднаквост на половите, како и правото на здравје.

Прашањето на миграцијата, како што истакна Новак, треба да се третира без ксенофобија и ширење омраза.