Новак Ѓоковиќ има корона вирус


Светскиот тенисер број 1 Новак Ѓоковиќ е позитивен на тестот за корона вирус.

Веднаш по доаѓањето во Белград тој, неговото семејство и тимот беа тестирани и неговиот тест е позитивен.

Тој се чувствува добро и нема никакви симптоми. Покрај него и неговата сопруга Јелена е позитивна на корона вирусот, додека децата и сите членови на тимот се негативни, јавува Б92.

„Веднаш по доаѓањето во Белград отидовме на тестирање. Мојот и тестот на Јелена се позитивни. Децата се негативни. Сѐ што направивме минатиот месец е со чисто срце и искрени намери. Нашиот турнир беше хуманитарен за да им помогнеме на тенисерите од регионот, да им овозможиме да играат, да остварат приходи, и на тој начин полесно да го пребродат овој тежок период. Во исто време, сакавме да пратиме порака на солидарност и почит, фре плеј. Целта беше да помогнеме на добротворни фондации и на оние на кои помошта им е најпотребна. Драго ми е што голем број луѓе се придружија на таа иницијатива“, вели Ѓоковиќ.

Тој ќе мора следните две недели да ги помине во карантин.

„Го организиравме турнирот во момент во кој вирусот ослабе верувајќи дека има услови за негово одржување. Многу ми е жал за секој поединечен случај на зараза. Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека бројот на заразени нема да се зголеми. Се надевам дека нема да се комплицира чија било ситуација и дека сѐ ќе биде добро. Јас ќе останам во изолација следните 14 дена, и ќе го повторам тестот за пет дена“, рече тој.

На Адриа тур, турнирот кој го организираше токму Ѓоковиќ, во Задар, најпрво корона вирус беше потврден кај бугарскиот тенисер Григор Димитров, а потоа беше потврден кај уште тројца, тенисери и тренери.