Новак Ѓоковиќ и Стојанче Ангелов меѓу маските на Вевчанскиот карневал (галерија)

Вевчанци на шеговит начин го прикажаа и копањето биткоинти, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ, a не ја заборавија ниту хуманоста на словенечките пожарникари, кои помогнаа во гаснењето на пожарите во земјава


Фото: Б. Грданоски

Талибанци во акција, инвестиции во струјата, зелена енергија, вакцинални пунктови, пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски…, беа само дел од маските што денеска продефилираа низ вевчанските улици во рамките на Вевчанскиот карневал, а ги „улови“ нашиот фоторепортер Борис Грданоски

Фото: Б. Грданоски

Вевчанци на шеговит начин го прикажаа и копањето биткоинти, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“, потсетија на екс премиерот Никола Груевски со бадниковото лепче, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ, како и неговиот настап на „Австралија опен“. Не ја заборавија ниту хуманоста на словенечките пожарникари, кои помогнаа во гаснењето на пожарите во земјава, а неизоставен дел се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните, но и други маски со секојдневни и несекојдневни содржини.

Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот Спасе Кочовски претходно соопшти дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чувства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин и на нив не треба да се гледа суетно.

Фото: Б. Грданоски

– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука, можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Фото: Б. Грданоски

Карневалското дефиле го следеше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со очекување дека ќе преовладува весел дух, а на вевчанци им посака успешни карневалски денови.

Фото: Б. Грданоски

Според традицијата, двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски продолжуваат со дефиле низ вевчанските улици. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. 

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски