Новак денес го поправа тоа што го расипа Орбан со Македонија


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, порача денес на прес-конференција во Скопје дека, и покрај епизодата со пребеганиот премиер Никола Груевски и азилот што му го даде Будимпешта, односите со Македонија успешно се развиваат, како на ниво на граѓаните така и на ниво на државите. Таа повтори дека одлуките за Груевски се надлежност на правосудните органи во Унгарија.

Претседателот Пендаровски  забележа дека по 20 години ова е прва официјална посета на унгарски претседател на нашата земја. Притоа, тој посочи дека Унгарија е една од најгласните членки на Европската унија во поддршката на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и, според негова оценка, одиграла значајна улога во одлуката за почеток на пристапните преговори на Македонија, при што на средбата со Новак добил уверување дека таа поддршка ќе продолжи.

„Сметам дека оваа посета е значајна за билатералните односи. Ќе даде дополнителен стимул за соработката. Потврдивме заедничка посветеност за соработка. Неспорно, Унгарија е една од најгласните и најактивните членки во ЕУ, земја која одигра значајна улога за почетокот на преговорите на Северна Македонија“, кажа Пендаровски. 

Тој додаде исто така дека Унгарија е еден од десетте најголеми трговски партнери со очекување  овој тренд да продолжи и во иднина.

„Со Унгарија имаме динамична економска соработка, која е во нагорен тренд. Унгарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери, со трговска размена во минатата година од речиси половина милијарда евра и континуиран тренд на суфицит на македонска страна“, истакна Пендароски.

Запрашана за неодамнешната посета на Бугарија, каде што се сретна со тамошниот претседател Румен Радев, Новак рече дека сакала да се запознае со размислувањата околу спорот во двете држави за да може да придонесе долгорочно да се отстранат сите пречки за евроинтеграцијата на Македонија.

„Како што бевме еден од најсилните поддржувачи за приемот на вашата земја во НАТО, сакаме исто толку и да ја поддржиме интеграцијата во ЕУ и се надеваме дека овие несогласувања ќе се расчистат што побрзо“, рече унгарската претседателка. 

Според неа, проблемот е поголем отколку отпочнување на преговори бидејќи влијае и на расположението во земјата.

„Сметаме дека е баш неправедно што Северна Македонија мора да трпи одлагања и свесни сме дека доколку овој процес не може да продолжи онака како што треба, ќе се јави песимизмот во однос на зачленувањето“, истакна Новак.

Околу скандалот во Европскиот парламент „Катаргејт“ таа порача дека ЕУ прво треба да расчисти со својата корупцијата – па потоа да го бара тоа од другите.

Новак, освен за членство на Северна Македонија во ЕУ, зборуваше и за војната во Украина, борбата против илегалната миграција за што посочи дека 30 унгарски полицајци вршат служба на македонско-грчката граница, прашањето на демографијата и размена на искуства што Унгарија прави за поддршка на семејствата, како и за размена на културни вредности.Ние, нагласи Новак, ја осудуваме агресијата на Русија во Украина и стоиме зад принципот на  неповредливост на суверенитетот.

„Војната донесе многу проблеми и затоа би сакале што побрзо прекин на огнот и да се најде модел на мир и на тој начин долгорочно да се обезбеди безбедност на Европа“, изјави Новак. 

Во рамки на посетата, Новак и Пендаровски во црквата „Св. Спас“ во Скопје ќе положија венци на гробот на Гоце Делчев. (С.Ј.)