Нова жртва на корона вирус, 65-годишна пациентка


Денеска од Клиниката за инфективно се испишани пет пациенти, негативни на корона вирус.

На 11 од 28 пациенти во Дебар кои се на домашно лекување, им се земаат брисеви за тест.

Има уште еден смртен случај, пациентка на 65-годишна возраст, со болести на белите дробови и болести на срцето, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Пет пациенти од новите се поставени на механичка вентилација.

Според соопштението на Министерството за здравство пак, ноќеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациентка од Лабуништа на возраст од 65 години заболена од корона вирус. Пациентката имала претходни заболувања – коморбидитети: хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност.

Во врска со пациентката која во неделата наутро почина во болница во Струга, а на која постморум ѝ е земен брис, истиот е позитивен на Ковид-19, посочуваат од Министерството.

Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 нови случаи на корона вирус во земјата и тоа во Скопје – 7, Куманово – 7, Прилеп – 2, Тетово – 5, Струга – 2, Гевгелија – 1, Кочани – 1, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 354 лице.

Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје – 183, Куманово – 54, Дебар – 47, Штип – 15, Прилеп – 12, Тетово -13, Струга – 9, Велес – 6, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 1, Гевгелија – 2, Струмица- 1, Крива Паланка – 1, Кочани – 1.

Во изминатото деноноќие направени се 257 теста, од кои: преку Институтот за јавно здравје – 131, преку Ветеринарен факултет – 25, Биотек – 24, Клиниката „Жан Митрев“ – 2. Досега се направени вкупно 3.775 тестирања на Ковид-19.