Нова закана од Москва: Европа „ќе исчезне“ ако ѝ даде ракети на Украина

Шефот на Думата, Володин, одговори на повикот на поранешниот полски министер за надворешни работи, Сикорски, Западот да испрати повеќе оружје во Украина


Ракетниот систем на британската армија М270 за време на вежбите на НАТО минатиот месец

 

Русија предупреди дека Европа ќе „исчезне“ во нуклеарна апокалипса во најновата закана за судниот ден на Кремљ ако биде снабдена со ракети.

Вјачеслав Володин, претседателот на Државната дума, се нафрли откако поранешниот министер за надворешни работи на Полска Радослав Сикорски рече дека западните сојузници би можеле да испратат повеќе оружје во опколениот Киев.

Сикорски тврдеше дека Владимир Путин го прекршил будимпештанскиот Меморандум за безбедносни гаранции од 1994 година, кој ја оправдува испораката на нуклеарно оружје од Запад.

Тој изјави за украинскиот канал Еспресо ТВ дека испораките „ќе ѝ дадат можност на Украина да ја брани својата независност“.

Украина се согласи да се откаже од целото свое нуклеарно оружје останато од падот на Советскиот Сојуз и се приклучи на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

Володин ги критикуваше забелешките, пишувајќи на Телеграм, како што јави британскиот весник „Сан“:

„Со такви пратеници, Европејците ќе имаат многу посериозни проблеми од оние со кои веќе се соочија денес (бегалци, рекордна инфлација, енергетска криза). Сикорски провоцира нуклеарен конфликт во центарот на Европа.

Тој не размислува ниту за иднината на Украина, ниту за иднината на Полска. Во случај да се исполнат неговите предлози, овие земји ќе престанат да постојат, како и Европа. Сикорски и сличните се причината зошто Украина не само што мора да се ослободи од нацистичката идеологија, туку и да се демилитаризира, обезбедувајќи статус на земјата без нуклеарно оружје“.

Украина апелираше за повеќе оружје, но Западот се колеба поради руските предупредувања и уништувачката војна во Донбас.

На земјата ѝ се потребни 1.000 хаубици, 500 тенкови и 1.000 беспилотни летала меѓу другото тешко оружје, изјави во понеделникот претседателскиот советник Михаило Подољак.

Москва го објави последниот од неколкуте неодамнешни извештаи во кои се вели дека уништила американско и европско оружје и опрема.

Последната закана од Володин доаѓа откако еден од клучните сојузници на Владимир Путин предупреди дека „Коњаниците на Апокалипсата се на пат“.

Дмитриј Медведев, поранешниот претседател на Русија, предупреди дека Москва ќе ги нападне западните градови доколку Украина употреби проектили обезбедени од САД. Медведев (56), моментално работи како заменик-шеф на рускиот совет за национална безбедност и беше претседател од 2008 до 2012 година додека Путин беше ограничен со мандатот, иако тој остана под негово влијание.

Минатата недела тој напиша: „Често ме прашуваат зошто моите објави на Телеграма се толку груби. Одговорот е дека ги мразам. Тие се ѓубриња и дегенерици. Тие сакаат смрт за Русија. И додека сум жив, ќе направам сѐ за да исчезнат“.

„Тие“ на кои се повикува Медведев значи Украина и нејзините сојузници.