Нова верзија на „Човек со месечина во очите“ на Балашевиќ, отпеана во живо


Фото: Б. Грданоски

На официјалниот Јутјуб-канал на Ѓорѓе Балашевиќ излезе нова верзија на песната „Човек со месечина во очите“ отпеана во живо. Песната е посветена на хрватскиот град Вуковар и „сите разурнати градови на светот“, како што еднаш посочи покојниот српски пејач и поет.

На каналот што го води семејството на Балашевиќ има студиски и неколку верзии на песната во живо. Последната верзија изведена во живо е објавена синоќа.

Песната е дел од култниот албум „Еден од оние животи“. На истиот албум се наоѓа и песната „Криви сме ние“ – уште една антивоена песна на Балашевиќ, а по таа плоча, српскиот пејач ги навлече на себе критиките меѓу приврзаниците на Слободан Милошевиќ и тогашната српска власт. 

Ѓорѓе Балашевиќ, миленикот на регионалната публика, почина на 19 февруари во 2021 година на 67-годишна возраст  од последици на коронавирусот на Инфективната клиника во Нови Сад.

Концертот на Балашевиќ во мај 2018, последниот во Скопје, беше концерт ко концерт, што да се раскажува…Парада на добро расположение, многу пиво и познати лица во публика. Песните ни по 40 години не избледнуваат, убавите ги потиснуваат неубавите спомени од животот, ама порачувате пијачка, и така тоа почнува, па пристигате кај сватовите на бившите девојки, што да ви кажам сите вистински љубови и концерти на Џоле се тажни…

Џоле ко Џоле, и на 65 години беше истиот. Со истиот хумор, ироничен, југоносталгичен, без влакно на јазикот, со некое кило повеќе, во фармерки, блузон и бели патики…

 

Фото: Б. Грданоски

И по четврти пат во Скопје, на концертите на нашиот омилен кантавтор, се мешаа радоста, среќата, шегата и сериозната политика, животот е еден момент циркус, еднаш звучи во д-мол, некогаш ви заличува дека сѐ отишло во Хондурас, а некогаш стигнувате до дното …

…  Таа беше убава ама сиромашна, да знаеше ќе ја земеше… Сакаш еднаш во животот, богата или сиромашна, тоа не го избира паметот туку срцето … Никому не му зборувате за тоа, брзо доаѓа тој бран и знаете дека ќе потонете. Спас ви носат Циганите и тамбурашите, тие имаат срце, за секој од нив, баш им е гајле за вас, тие прашуваат што да свираат…Тој сѐ имаше, всушност ништо немаше… Во војска стекнувавте пријател до гроб, и хронично запалење на зглобови. Сувенир на стражарските денови… Сите, и старите и новите генерации, во животот имаме по дел од приказната за Васо Ладачки…

Фото: Б. Грданоски

Секогаш ќе го сакаме и ќе се сеќаваме на Џоле. Тој е легенда за неколку животи. Колку да се чувствуваме поубаво.