Нова трпезарија во пунктот за бездомници во Момин Поток


Во рамки на Пунктот за бездомни лица на Црвениот крст кој се наоѓа во Момин Поток во Општина Карпош,  денеска беше пуштена во употреба новата трпезарија која е наменета за граѓаните кои престојуваат во овој објект.
Новата просторија која е целосно климатизирана, нуди капацитет за опслужување на 40 лица, околу кои ќе бидат ангажирани и медицински работници, за поефикасна ресоцијализација на бездомниците.

На овој начин, се зголемуваат капацитетите за нега и заштита на бездомниците, кои во рамки на овој хуманитарен објект можат да добијат оброк, преноќиште и здравствена заштита. При денешната посета, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ја изразија својата заложба за унапредување на социјалната заштита на локално ниво.

Шилегов напомена дека, за новите простории се одвоени 1.700.000 денари, од кои, 1.500.000 се од Буџетот на Град Скопје и 200.000 денари се донации од општествено одговорни компании.
Претставничката од Црвениот крст ја акцентираше добрата соработка со Градот Скопје и Општина Карпош и фактот дека конечно се обезбедуваат подостоинствени услови за бездомниците.