Нова тензија на северот од Косово, српската армија во целосна борбена готовност (Видео)

Косовската полиција тргна да ги преземе општините каде што мнозинство се Србите


 

Додека од цела Србија, па и од Македонија, полни автобуси одат во Белград за митингот на Српската напредна странка што треба да се одржи вечерва, во Косово се случува вистинска драма во општините во кои живее српското малцинство. Припадници на косовската полиција влегле во зградата на општина Звечан, откако употребиле солзавец и шок бомби, веројатно за да ги спроведат резултатите од локалните избори кои ги бојкотираа Србите, па Албанците со минимална излезност го добија мнозинството.

Во исто време претседателот Александар Вучиќ прогласи целосна борбена готовност на српската војска.

Безредијата во Звечан почнале кога полицијата ги повикала граѓаните да се оддалечат од зградата, што тие го одбиле. Фрлени се неколку шок бомби и солзавец, јавија медиумите.

Се слушнал и рафал, но според новинарите, тој не бил од полицијата.

Оклопни возила и специјални полициски единици се поставени пред зградата на општината.

Вучиќ нешто пред 14 часот издаде наредба до армијата да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво и од тој момент Армијата започна со активности, изјави министерот за одбрана Милош Вучевиќ.

„Наредено е итно движење кон административната линија со Косово“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк во живо од центарот на Белград.

Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде владата во Приштина ги презема зградите на локалната самоуправа, не се игра, туку ја загрозуваат безбедноста на сите во регионот.

 
 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Zubin Potok INFO (@zubinpotokinfo)

Како што нагласи, армијата апсолутно ќе ја исполни наредбата на Вучиќ и ќе го брани суверенитетот на Србија и правото на живот на сите нејзини граѓани.

„Јасно е дека се врши терор врз српската заедница на Косово“, заклучи Вучевиќ.

Како што пишува „Албаниан пост“ владата на Косово неколку часа пред интервенцијата ги известила земјите од Квинтата за намерата со помош на полицијата да изврши упад во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

За споменатата акција, не добиле согласност од САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија. Но, и покрај ова, косовските институции решија да продолжат со планот, пишува Косово онлајн.

Според она што го јави РТС десетина лица биле повредени во денешните безредија. Тие биле примени во болницата во Митровица, но биле пуштени дома затоа што природата на повредите не била таква за задржување.