Нова рунда оставки во Скопје – на директорите на „Улици и патишта“, „Лајка“ и ЈСП „Турс“

Ако продолжи војната меѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ Скопје ќе биде на работ нормално да функционира, особено комуналните услуги


Директорот на „Улици и патишта“ Борис Настов

 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ѝ возврати на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за нејзините жестоки вчерашни зборови со тоа што уште тројца директори на јавни претпијатија поднесоа оставки – на „Улици и патишта“, „Лајка“ и ЈСП „Турс“. Заедно со другите разрешувања и оставки во комуналните претпријатија Скопје е на самиот раб да не може да функционира, особено неговите комунални услуги. Ако продолжи војната меѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ најмногу оштетени ќе бидат граѓаните, а последиците ќе треба долго да се оправаат. Сите директори велат дека откако тие раководат претпријатијата доживеале процут, но дека со Арсовска на чело на Скопје не можело да се работи.

Директорот на „Улици и патишта“, Борис Настов, во објава на Фејсбук истакнува дека иако преку спроведните проекти и воспоставените добри практики во работењето на претпријатието многу работи се подобриле, реализацијата на проектите не се одвивала според неговите и очекувањата на граѓаните.

„Затоа, ве известувам дека давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ‘Улици и патишта’. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со градоначалничката на Скопје, како и немањето на разбирање при реализаиција на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал“, вели Настов.

Директорот на ЈСП „Турс“, Филип Василевски, вели дека немале поддршка од Градот, но дека сепак успеале за период од шест месеци неколкукратно да ги зголемат приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедат линеарно зголемување на платите за сите вработени.

„Но тоа не е доволно кога ЈСП ‘Турс’‚ ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која нѐ обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од градот кој сѐ повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси затоа си давам оставка од директор на ЈСП ‘Турс’“, вели Василевски.

Директорот на „Лајка“, Воислав Димитровски, кој 10 месеци беше вршител на должност, како и повеќето други, потенцира дека во изминатиот период претпријатието поради тоа што немало финансиски средства за основно функционирање, правело акции за донации со цел да не се прекине воспоставеното темпо на работа за реализација на програмата и спроведување на хуман третман кај животните.

„Во ваква тешка финансиска состојба без реална поддршка од страна на Град Скопје, како в.д. директор на ‘Лајка’ заедно со вработените и со несебична поддршка од страна на здруженијата и активистите успеавме да го зголемиме капацитетот на третирани кучиња со хуман третман за околу 40%, вдомувањата на кучиња се зголеми за 300%, а инцидентите предизвикани од куче се намалени за 20%. Подобрувањето на функционирањето на претпријатието се гледа и во бројот на вдомени кучиња во август 2022 година кој изнесува 40 вдомени кучиња во споредба со  август 2021 година кога беа 0“, вели Димитровски.

Претходните денови оставки дадоа и директорите на  „Градски паркинг“, Бојан Христовски, на „Дрисла“, Јане Мицевски, а оставка откако беше разрешен даде и в.д. директорот „Водовод и канализација“, Златко Перински.

Градоначалничката Арсовска во гостување во ТВ 24 рече дека отказите за 100 луѓе во „Водовод и канализација“ се исправни, затоа што тие не оделе на работа, а земале плата, со што го оштетувале буџетот на Скопје. (Н.В.)