Нова пионерска велосипедска патека на Водно


На Средно Водно, денеска во 12:00 часот официјално ќе биде отворена новата пионерска велосипедска патека, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.

– Претходно, сите велосипедисти се поканети да учествуваат на натпревар во организација на „Прв до врв“. Натпреварот ќе почне во 10 часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач ќе стартува на 20 секунди, а учеството е бесплатно, информираа од Град Скопје.

Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри), со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.

– Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија. Тргнувајќи од фактот дека велосипедскиот туризам се реализира преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од Западен Балкан, и Град Скопје ја изгради оваа сертифицирана вело – патека што ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно, истакнаа од Град Скопје.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно се реализираше во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).